Во текот на 16 и 17 мај, во редовни сообраќајни контроли на патиштата низ државата биле издадени 1.026 платни налози за сторени сообраќајни прекршоци.
Најголем дел од санкциите се однесуваат на брзо возење. Според полициската статистика, 316 прекршоци биле за непочитување на пропишаната брзина на движење.
За безобѕирно управување со возило биле лишени од слобода 34 лица. Од нив, девет управувале возило под дејство на алкохол, 24 возеле без возачка дозвола, а едно лице управувало возило и покрај претходно изречена забрана.
Во истиот период, по член 300-б од Кривичниот законик биле одземени 23 возила.
Полицијата евидентирала и 164 прекршоци за непрописно паркирање, како и 29 санкции за возење под дејство на алкохол. Санкционирани биле и 107 мотоциклисти поради неносење заштитен шлем, пет пешаци и 99 учесници во сообраќајот кои не користеле сигурносен појас.
Од сообраќај биле отстранети 15 нерегистрирани возила и четири возила поради техничка неисправност. Дополнително, двајца возачи биле санкционирани поради непочитување на прописите за затемнување на стаклата на возилата.
