Бугарите во Уставот е европско прашање, му шепна Макрон на Мицкоски и му понуди раме за плачење

Мицкоски

Тоа што Мицкоски објави фотографија со пријтелско ракување со Макрон, не е ништо друго освен театрална понуда на французот за „раме за плачење“. Впрочем, Макрон е познат „политички театарџија“.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Очигледната „малодушност“ на премиерот Христијан Мицкоски во Тиват, колку и да се обидуваше да ја скрие, се должи само на едно. Под жешкото црногорско сонце тој уште еднаш се соочи со „студената“ вистина: Бугарите во уставот не билатерално, туку европско прашање.

Иако ова неколку пати и претходно му беше јасно предочено, овој пат, прво Антонио Кошта во Скопје, два дена пред самитот, а потоа и Румен Радев, јасно и недвосмислено порачаа: Прво Бугарите во Уставот, па потоа отворање конкретни преговори. До тогаш, ЕУ сака да види видливи реформи и посветеност кон европските вредности и агенда.

Изјавата на Радев, која не ја оспорува ниту еден од европските лидери, не е изолирана дипломатска порака, туку потсетување дека Бугарија успеа своето барање да го вгради во европскиот процес. Радев и претходно јавно тврдеше дека уште во 2021 година го покренал прашањето за внесување на Бугарите во македонскиот Устав и дека му била потребна една година за да ги убеди европските лидери во таа позиција.

И успеа.

Да не си правиме илузии. Фактот дека првите меѓународни средби на бугарскиот премиер со Макрон, Мерц и Мицотакис, по тој редослед, освен зајакнување на врските на Бугарија со Феанција, Германија и Грција, имаше за цел Бугарите во уставот да биде запечатено со европски печат.

Тоа што Мицкоски објави фотографија со пријтелско ракување со Макрон, не е ништо друго освен театрална понуда на французот за „раме за плачење“. Впрочем, Макрон е познат „политички театарџија“.

Толку од театарчето ММ, а во реалноста една друа слика.

Во Тиват, наместо заедничка декларација, Европската Унија издаде соопштение во кое се вели дека европските лидери ги поздравуваат реформите и ја потврдуваат својата посветеност на процесот на проширување на ЕУ базиран на заслуги.

Во соопштението се нагласува дека добрососедските односи и регионалната соработка остануваат клучни за целосно искористување на придобивките од поблиската интеграција. (!)

Исто така, се нагласува важноста од понатамошно зајакнување на соработката во надворешната, безбедносната и одбранбената политика.

Европските лидери го искористија самитот во Тиват, Црна Гора, за да понудат побрз пат кон Европската Унија за балканските земји, од кои некои чекаат да се приклучат со децении.

За време на самитот ЕУ-Западен Балкан, високи претставници на блокот постојано ја нагласуваа потребата од забрзување на процесот на пристапување за земјите-кандидатки, вклучувајќи шест земји од регионот.

„Треба да го направиме процесот на проширување побрз и поубедлив“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во Тиват, познат по своето пристаниште за суперјахти.

Таа го опиша проширувањето како геостратешка неопходност и долгорочна инвестиција во мирот, стабилноста и безбедноста на Европа, нагласувајќи дека процесот мора да стане подинамичен.

По децении двоумење за иднината на балканските кандидати, руската инвазија на Украина во 2022 година го обнови интересот на Брисел за проширување, објави АФП.

Оттогаш, и Украина и Молдавија се приклучија на листата на земји што чекаат членство, заедно со Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија.

Франција и Германија го искористија состанокот во Тиват за да ја промовираат идејата за „постепена интеграција“ во ЕУ, која моментално има 27 земји-членки.

„Заедно со Германија, предложивме зајакнат процес на постепена интеграција“, рече францускиот претседател Емануел Макрон по пристигнувањето на самитот.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, ја поддржа потребата од поефикасен процес, велејќи дека проширувањето треба да биде побрзо, но без да се напушти пристапот базиран на реформи и резултати.

Меѓу земјите во регионот кои треба поблиску да се усогласат со политиките на ЕУ е Србија, која одржува блиски односи со Русија и не воведе санкции кон Москва од почетокот на војната во Украина.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека Србија треба јасно да ја дефинира својата геополитичка ориентација, нагласувајќи дека не може да има двоумење меѓу Русија, Кина и Европа.

Србија останува меѓу најевроскептичните земји во регионот, но претседателот Александар Вучиќ потврди дека земјата продолжува по својот европски пат и членството во ЕУ останува стратешка цел, и покрај потребата од понатамошни реформи.

Додека Брисел долго време ја застапува идејата дека сите балкански земји треба да се движат напред заедно, Црна Гора и Албанија сè повеќе се појавуваат како најнапредни кандидати, пред Србија и Босна и Херцеговина, кои заостануваат во потребните реформи. Фон дер Лајен изјави дека членството на Црна Гора во ЕУ до 2028 година е остварливо и изрази надеж дека Албанија брзо ќе го следи примерот, бидејќи целиот регион ќе продолжи да се приближува кон Унијата.

Најчитано