Вашиот ајфон иако е исклучен може да остане видлив на мапата до 24 часа, но само ако однапред се активирани потребните безбедносни поставки. Apple ја овозможува оваа функција преку мрежата „Find My“, која ги користи околните уреди на компанијата за анонимно и шифрирано да ја пријави приближната локација на изгубениот телефон.
За да ја активирате заштитата, отворете „Settings“, допрете го вашето име и изберете „Find My“, а потоа „Find My iPhone“. Таму треба да бидат вклучени „Find My iPhone“, „Find My network“ и „Send Last Location“.
Првата опција овозможува лоцирање и заштита на телефонот, втората му помага да биде пронајден и кога нема мобилен интернет или безжична мрежа, додека третата автоматски ја испраќа последната локација кога батеријата ќе достигне критично ниско ниво. Потребно е да бидат активирани и услугите за локација и блутутот.
Ако телефонот исчезне, апликацијата „Find My“ може да се отвори на друг уред на Apple. Во делот „Devices“ треба да се избере изгубениот ајфон, по што на мапата ќе се прикаже неговата моментална или последна позната локација. Пристап е можен и преку интернет страницата на iCloud, со најавување на истата сметка на Apple.
Според официјалното упатство на Apple, поддржан ајфон може да се лоцира до 24 часа откако е рачно исклучен и до пет часа кога ќе премине во режимот за резервно напојување. Последната позната локација во апликацијата може да остане достапна до седум дена.
Функцијата мора да биде вклучена пред телефонот да биде изгубен или украден. Кај поддржаните модели при исклучувањето се појавува известување дека ајфонот останува достапен за пронаоѓање и по гаснењето.
Ако постои сомнение дека телефонот е украден, преку „Find My“ може да се вклучи режимот „Mark As Lost“. Со него уредот се заклучува, се ограничуваат платежните функции и на екранот може да се прикаже телефонски број или порака за контакт. Apple препорачува далечинското бришење да се користи дури откако ќе бидат исцрпени другите можности, бидејќи избришаните податоци не можат да се вратат.

