СДСМ обвини дека во јавноста се одвива, како што оценува партијата, синхронизирана медиумска промоција на премиерот Христијан Мицкоски и на група политички платформисти кои од опозициската партија ги нарекуваат „ЗНАМ 2.0“.
„Уште еднаш ја видовме моќта на медиумската машинерија по урнекот на Орбан и Вучиќ“, наведува СДСМ во соопштение.
Од партијата тврдат дека станува збор за истовремени настапи и координирани објави на повеќе портали, преку кои, според нив, се промовира мала група политички платформисти со цел да послужат како „нов инструмент во политичките пресметки“ на Мицкоски.
СДСМ прашува кој ги координира овие настапи, кому му служат и чии интереси ги застапуваат, при што во соопштението се повикува и на прашања што, како што наведува партијата, се отвораат во јавноста за влијанија и финансиски интереси поврзани со Орце Камчев и Христијан Мицкоски.
Посебно внимание СДСМ посветува на соработката со Левица. Од партијата велат дека е парадоксално што, според нив, луѓе кои до неодамна ја претставувале СДСМ сега настапуваат заедно со партија чии позиции, како што оценува СДСМ, се спротивни на нивната традиционална евроатлантска ориентација.
„Станува збор за политичка структура која јавно се спротивставува на НАТО и застапува позиции блиски до руската надворешнополитичка агенда“, се наведува во соопштението.
СДСМ тврди и дека дел од настапите на оваа група започнуваат со истакнување на рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ и на Мицкоски, што според опозициската партија покажува дека нивната главна политичка порака е насочена кон промоција на политичките противници на СДСМ.
Од партијата додаваат дека и самиот Мицкоски избегнувал јавно да се повикува на истражувањата на кои се повикувала групата, што, според СДСМ, отвора прашања за кредибилитетот и целта на кампањата.
„Оваа група сама се разоткри. Со своите настапи, политички партнерства и пораки, јасно покажаа каква политичка улога избраа да играат“, велат од СДСМ.
Во соопштението партијата се осврнува и на поранешни членови и функционери кои ја напуштиле СДСМ и денес се дел од други политички структури. Од таму велат дека тоа е слично со, како што ја нарекуваат, „првата верзија на ЗНАМ“, при што прават разлика меѓу оние кои останале во партијата и оние кои, според нив, ја користеле партијата за лични политички амбиции.
„СДСМ не е партија за еднократна употреба, ниту политичка платформа за лични калкулации. СДСМ е партија на членството, на принципите и на државотворната одговорност“, наведуваат од опозициската партија.
Од СДСМ порачуваат дека никој не може да ја „приватизира“ или „продаде“ идејата на партијата и дека таа, како што наведуваат, ќе продолжи да дејствува врз основа на својата евроатлантска ориентација и определбата за демократска и европска држава.
Соопштението доаѓа по синоќешните политички и медиумски настапи кои СДСМ ги оценува како дел од поширока координирана кампања.

