Австрија протера четворица руски дипломати поради шпионажа

Австриското Министерство за надворешни работи протера четворица руски дипломати од Виена поради постапки неспојливи со нивниот дипломатски статус. Властите ги прогласија за персона нон грата и им наредија да ја напуштат земјата.

Одлуката е донесена врз основа на наоди на австриските безбедносни служби, соопштија од министерството во Виена. Формулацијата за активности неспојливи со дипломатскиот статус во меѓународната пракса редовно се користи за прикриена шпионажа.

Тројца од протераните дипломати работеле во руската амбасада во Австрија, додека еден бил член на руската делегација при Организацијата за европска безбедност и соработка (ОБСЕ), задолжен за воена безбедност и контрола на вооружувањето.

Со оваа мерка, вкупниот број протерани руски дипломати од Австрија од 2020 година се искачи на 18. Иако земјата има статус на воена неутралност, официјална Виена континуирано ја поддржува Украина од почетокот на руската инвазија во 2022 година.

Австриските власти ретко соопштуваат детали за вакви безбедносни одлуки. При претходното протерување на тројца руски дипломати во мај, како причина беа наведени бројни антени на покривите на руските дипломатски објекти, користени за шпионски активности.

Руската амбасада во Виена засега не одговори на барањата за коментар.

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?