Министерството за надворешни работи на Турција го отфрли извештајот на Европскиот парламент за земјата за 2022 година, јави агенцијата Анадолија.
Осудата на официјална Анкара следуваше по усвојувањето на извештајот на вчерашната пленарна седница на Европскиот парламент.
– Овој извештај, кој содржи нефер обвинувања и предрасуди врз основа на дезинформации од антитурски кругови, е одраз на вообичаениот плиток и невизионерски пристап на Европскиот парламент, како во односите со нашата земја, така и во прашањето за иднината на Европската Унија, се вели во соопштението на турското МНР.
– За жал, овој извештај покажува и колку членовите на ЕП се жртви на дневната популистичка политика и колку се далеку од развивање на вистински стратешки пристап и кон ЕУ и кон нашиот регион, се додава во текстот.
Турција смета дека е неразбирливо што ЕУ застапува различни пристапи наместо пристапни преговори во овој критичен момент за стабилноста и безбедноста на целиот континент, кога постои можност за ревитализација на односите меѓу Турција и ЕУ, се вели во соопштението.
Понатаму се додава дека тврдењата во извештајот за прашањата за Егејското Море, Источниот Медитеран и Кипар, кои ги одразуваат едностраните ставови на некои групи и кои не ја одразуваат историската и правната реалност, не важат за Турција.
Како што јави Анадолија, во соопштението се наведува дека Турција има потенцијал да ја направи ЕУ глобална сила, која е соочена со бројни предизвици како безбедноста, енергијата, климатските промени и економските проблеми.
– Препознавањето на оваа вистина е можно со визионерска перспектива која не треба да биде загрозена од интересите на некои кругови … Се надеваме дека новиот состав на Парламентот што ќе се формира по изборите за ЕП во 2024 година ќе се води од неутрална, рационална и конструктивна перспектива, соопшти турското МНР.