Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Тирана 2023: Расчистување на патот до ЕУ

Имајќи ги предвид сите пораки од Тирана, навистина останува сериозно да се замислиме над делот од изјавата на фон дер Лајен којашто ја затвора оваа анализа – „Единствени што можете да го блокирате овој процес сте вие самите“ што треба да одзвонува во нашата политичка средина со надеж дека ќе ги одзатне ушите на опозициските лидери, пред сѐ во редовите на ВМРО-ДПМНЕ, за да препознаат, додека не биде предоцна, дека во расчитувањето на патот до членство во ЕУ е потребна и нивна партиципација, наместо опструкција.

Зоран БОЈАРОВСКИ

„Само со заедничка работа, ќе го доведеме Западен Балкан токму таму каде што припаѓа, во срцето на Европската унија“; „Треба да го искористиме потенцијалот на Западен Балкан и да го доближиме до единствениот европски пазар“; „Единствени што можете да го блокирате овој процес сте вие самите“.

Во овие фрагменти од обраќањата на претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен, се состои суштината на резимето од пораките на лидерите на ЕУ од самитот на Берлинскиот процес, што за прв пат од почетокот на оваа иницијатива се одржува во земја од Западен Балкан, во Албанија, во Тирана, како уште една, симболична, но силна порака, особено во контекстот на регионалните (Србија/Косово) и глобалните воени и кризни жаришта (Украина/Русија) и (Израел/Хамас/Палестина).

Овој пат, освен стандардните политички пораки за поддршка на реформите во земјите од регионот за побрзо исполнување на стандардите за интеграција во ЕУ, посебно важно и за прв пат толку нагласено и структурирано е промовиран новиот План за економски раст на Западен Балкан.

Најавен пред неколку месеци, за време на самитот во Тирана претседателката на Европската Комисија ги презентираше контурите на Планот.  

Земјите кои брзо ги исполнуваат бараните реформи за возврат ќе добијат инвестиции, рече фон дер Лајен. Шефот на Комисијата рече дека лидерите на ЕУ предложиле инвестициски пакет од 6 милијарди евра, грантови од 2 милијарди евра  и поволни заеми од 4 милијарди евра.

Овие средства се сериозна финансиска поддршка за реформите во земјите од регионот кои се надоврзуваат на претходните 16 милијарди евра за инвестиции во регионот од вкупните 30 милијарди евра ветени пред три години.

„Средствата ќе се ослободат по спроведувањето на реформите. Значи, тоа е условно“, рече таа на прес-конференцијата на крајот од самитот.

Овој услов на ЕУ постави нови задачи за земјите од Западен Балкан да ги реформираат своите економии и политички институции пред да се приклучат, вклучително и преку подобрување на регулаторната структура за бизнисот, борба против корупцијата и сузбивање на организираниот криминал.

Шолц: „Единствена исправна одлука на ЕУ е да ја награди Северна Македонија за напорите кои ги има сторено на патот кон Унијата“

Постепено вклучување во делови на единствениот пазар на ЕУ

Овој услов е веќе познат. Не е ништо ново, но се чини дека е неопходен начин да се поттикнат земјите од Западен Балкан да ги забрзаат реформите за да ги постигнат стандардите зашто следното проширување најавено за 2030 е „зад аголот“, но ниту една земја нема биде примена без утврдени заслуги.

Она што е позначајно како новина од самитот во Тирана е делот од обраќањето на фон дер Лаје дека новиот план за раст на ЕУ за земјите од Западен Балкан им овозможува постепена интеграција во делови од единствениот пазар на ЕУ.

Тоа се совпаѓа и со други најави и иницијитиви кои, очигледно, се усогласуваат. Таков е документот за „Забрзување на постепената интеграција за Западен Балкан“ на Австрија, за кој австрискиот амбасадор Мартин Памер во интервју за Рацин.мк изјави дека има за цел да обезбеди „постепено пристапување, односно да им овозможиме на нашите партнери од Западен Балкан поголемо вклучување и во повеќе програми и форуми на ЕУ, вклучително и во делови на единствениот европски пазар“.

„Земјите од Западен Балкан ќе можат да се приклучат на пазарот на ЕУ во областите на стоки и услуги, патен транспорт, енергија, електрична енергија, царинска соработка, е-трговија и безготовински плаќања“, издвои дел од областите од зедничкиот евопски пазар Урсула фон дер Лајен во Тирана.

Урсула фон дер Лајен: „Единствениот што може да ве блокира на овој пат сте вие самите“ (Фотографија: Ѓорги Личовски/ЕПА)

За апсурдот на патот до ЕУ да се блокираме самите себе си

„Ние навистина треба да го искористиме потенцијалот што е овде во Западен Балкан и да го доближиме до единствениот европски пазар“, рече фон дер Лајен. Со неуспехот да продолжите со реформите, „единствениот што може да ве блокира на овој пат сте вие самите“, рече таа.

Самитот на Берлински процес во Тирана 2023, уште еднаш потврди дека интеграцијата на Албанија, Босна, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија е високо на агендата на ЕУ.

Освен претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, силните пораки за политичката волка на ЕУ Западен Балкан колку што е можно побргу да биде интегриран во ЕУ, уште еднаш ја афирмираа претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и германскиот канцелар Олаф Шолц.

Шолц рече дека „берлинскиот процес е најдобриот инструмент не само за ослободување на целосниот потенцијал на регионалната соработка, туку и за забрзување на интеграцијата на сите земји од Западен Балкан“.

Во однос на нашата земја, германскиот канцелар Шолц рече дека „единствена исправна одлука на ЕУ е да ја награди Северна Македонија за напорите кои ги има сторено на патот кон Унијата“.

„Сакаме да направиме сѐ, за Северна Македонија да биде успешна во своите напори, и јас сум му многу благодарен за активностите на шефот на владата, кој вложува големи напори за да ги исполни условите кои беа наметнати однадвор. Мора да се каже дека Северна Македонија постигна голем напредок во исполнувањето на критериумите за пристапување и вложува многу напор. Во тој поглед, тоа е единствено исправно“, порача Шолц на прес-конференцијата на самитот.

Тој го повтори повикот за побрз влез на земјите од Западниот Балкан во ЕУ и потенцираше дека „20 години откако на овие земји им беше дадено ветување за влез, тоа мора и да се случи“.

На ветувањата на ЕУ се фокусираше и претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел. Уште на почетокот на самитот неговата изјава ги зазеде првите места во медиумите во регионот кога рече дека „е дојдено време ова ветување да се одржи и ги увери лидерите дека нема да чекаат толку долго и дека нема да бидат разочарани.

Шарл Мишел уште рече „нашиот план е сериозен за иднината на ЕУ“, но вториот дел од неговата порака е исклучително суштинска и значајна за регионот.

„Не дозволувајте духовите од минатото да ви пречат во вашата иднина“, порача Мишел.

Оттаму, имајќи ги предвид сите пораки од Тирана, навистина останува сериозно да се замислиме над делот од изјавата на фон дер Лајен којашто ја затвора оваа анализа – „Единствени што можете да го блокирате овој процес сте вие самите“ што треба да одзвонува во нашата политичка средина со надеж дека ќе ги одзатне ушите на опозициските лидери, пред сѐ во редовите на ВМРО-ДПМНЕ, за да препознаат, додека не биде предоцна, дека во расчитувањето на патот до членство во ЕУ е потребна и нивна партиципација, наместо опструкција.

Зачлени се на нашиот е-билтен