Палестинската милитантна група Исламски џихад денеска објави дека „со резерва“ го примила израелскиот план за прекин на огнот во Појасот Газа, претставен од американскиот претседател Џо Бајден, наведувајќи дека ќе го процени секој предлог што гарантира крај на конфликтот во палестинската енклава.
„Ќе го процениме секој предлог што гарантира крај на геноцидот врз палестинскиот народ и ги исполнува барањата на силите на отпорот“, се наведува во соопштението, пренесено од иранската агенција ИРНА.
Исламски џихад посочува дека врз основа на последниот предлог на Израел, изгледа дека Белата куќа го променила својот став, но додава дека останува „тотално пристрасна“ кон израелскиот режим и продолжува да биде партнер во неговите злосторства.
Исламски Џихад нагласи дека ќе прифати само договор за прекин на огнот што ќе стави крај на израелската агресија во Појасот Газа и ќе резултира со повлекување на окупационите сили од палестинската енклава.
Палестинската милитантна група Хамас, пак, денеска соопшти дека позитивно гледа на содржината на израелскиот предлог, презентиран од претседателот Бајден, за траен прекин на огнот во Појасот Газа.
„Хамас ја потврдува својата подготвеност позитивно и конструктивно да се справи со секој предлог заснован на траен прекин на огнот и целосно повлекување (на израелските сили) од Појасот Газа, реконструкција (на Газа) и враќање на раселените на нивните места, заедно со исполнување на вистински договор за размена на затвореници доколку окупаторите јасно ја објават својата посветеност на таков договор“, се наведува во денешното соопштение на Хамас, пренесено од британските медиуми.
Бајден синоќа соопшти дека првата фаза од предложениот договор ќе трае шест недели и ќе вклучува целосен прекин на огнот, повлекување на израелските сили од сите населени области на Газа и ослободување на голем број заложници, вклучувајќи жени, постари и ранети, во замена за ослободување на стотици палестински затвореници, пренесоа американските медиуми.
Телата на убиените заложници ќе бидат вратени на нивните семејства, а хуманитарната помош ќе биде зголемена во првата фаза на 600 камиони дневно на кои ќе им биде дозволено да влезат во Појасот Газа.
Втората фаза ќе вклучува ослободување на сите преостанати живи заложници, вклучително и машки војници, и повлекување на израелските сили од Газа.
Третата фаза ќе вклучува повик за почеток на голема реконструкција на Појасот Газа.