Едногласни осуди на обидот на Руската Амбасада да го релативизира безмилоснотo убиство на заробениот украински војник

Речиси без исклучок осудувачки се реакциите на твитот на Амбасадата на Руската Федерација во Скопје која објави дека „има причини да се верува дека е стрелан руски војник, кој беше облечен во украинска униформа“.

Во целост во објавениот твит пишува:

„На Интернет се појави видео на кое е стрелан војник во воена униформа на ВСУ. Има причини да се верува дека е стрелан руски војник, кој беше облечен во украинска униформа со цел да се дезинформира меѓународната јавност, а Русија да биде обвинета за наводни воени злосторства.“

Иако твитот е исклучително малку прифатен и шеруван, коментарите под него се едногласни во осудата на ваков начин да се изрелативизира и да се дезинформира за видеото кое го обиколи светот и во кој на најбрутален начин, против сите конвенции за хуманитарни начела според кои земјите потписнички се обврзани да се однесуваат кон непријателските војници и цивили за време на воени судири, е егзекутиран заробениот украински војник.

Во коментарите кои се унисони се изразува згрозување од овој обид да се релативизира безмилосното убиство на војник во униформа на кому последните зборови му се „Слава Украини“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вети дека ќе ги најдат убијците на невооружениот украински војник, кој беше убиен во заробеништво единствено поради изговарање „Слава на Украина“, а украинскиот главен обвинител најави кривична истрага.

Инаку претходно Меѓународниот кривичен суд (МКС) веќе отвори истрага за можни воени злосторства во Украина, по барање на голем број земји-членки на Трибуналот заради основано сомневање дека во војната во Украина се извршени кривични дела за кои е надлежен овој суд.

Украина е членка на МКС од 2014 година, по руската анексија на Крим, додека Русија не ја признава неговата јурисдикција.

Истиот ден кога беа објавени снимките од ова воено злостроство, Европската Унија  основа Центар за судско гонење на руските злосторства на агресија врз Украина (ICPA) – нов трибунал специјализиран за истраги и процесуирање на руските злосторства извршени за време на агресијата врз Украина. Новиот центар ќе биде ќе биде составен дел од Европравда и веќе формираниот заедничкиот истражен тим за Украина

Неговата главна цел, како што објави Европската комисија, е да ги зајакне истрагите за кривичните дела произлезени од агресијата преку обезбедување клучни докази и олеснување на процесот на градење на случаи во рана фаза.

Агенцијата на Европската унија за соработка во областа на кривична правда Европравда (Eurojust), како што  најави претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, го поддржува новиот Меѓународен трибунал и ќе обезбеди правна, оперативна и логистичка поддршка.

„Европравда ќе го координира собирањето докази, ќе бидат вградени во заедничкиот истражен тим кој е поддржан од нашата агенција Европравда. Сметаме дека треба да има посветен трибунал за кривично гонење на руските злосторства произлезени од агресијата“, изјави Фон дер Лајен.

Организацијата на Обединетите нации (ООН) актот од агресија го дефинира како „инвазија или напад од вооружените сили на една држава (на) територија на друга држава, или каква било воена окупација“.

Потребата од формирање на нов трибунал настана откако Русија објави дека не ја признава надлежноста на Меѓународниот кривичен суд (МКС). Тоа значи дека значи дека Русите веројатно нема да подлежат на какво било кривично гонење покренато во МКС. Поради тоа, ICPA се формира со дел да ја пополни таа правна празнина преку обезбедување на форум за гонење на руските злосторства од агресија.

Тука спаѓаат злосторства како тортура, погубувања, сексуално насилство и малтретирање.

Постери со ликот од немилосрдно егзекутираниот украински војник во знак на поддршка на достоинствената борба на Украинците ги преплавија социјалните мрежи, откако се појави потресната видео снимка од бруталната и ладнокрвна егзекуција на невооружениот украински војник.

З. Б.

Треба да знаете
Moже да ве интересира