Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Каков е новиот собраниски состав – закони ќе гласаат поранешни министри и директори, лекари, економисти?

На утрешната конститутивна собраниска седница, пратеничка заклетва ќе дадат поранешни министри, поранешни директори, лекари, економисти…

Новиот пратенички состав во рок од три дена треба да избере Претседател на Собранието и членови на верификационата комисија. Со конститутивна собраниска седница ќе претседава највозрасниот пратеник, а во новоизбраниот состав тоа е пратеничката Мерита Колчи Коџаџаку од Демократското движење на Изет Меџити. Пратенички мандат за прв пат доби лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој се очекува да биде мандатар и иден премиер. Мандатот за формирање на влада се очекува да му биде доделен наредната недела, а во рок од 20 дена треба да го предложи новиот владин кабинет и програмата за работа.

Пратенички мандат на изборите на 8 мај добија и потпретседателката и потпретседателите на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Димитриеска-Кочоска, Александар Николоски, Ѓорѓија Сајкоски и поранешниот министер за транспорт и врски Владо Мисајловски.

На пратеничко столче на новиот состав ќе седне и поранешниот министер за земјоделство од владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, Љупчо Димовски, лекарот Синиша Стојаноски кој освои втор мандат како и поранешната техничка министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи.

По уште еден мандат освоија актуелните пратеници како Бети Стаменкоска- Трајкоска, Миле Лефков, Љупчо Пренџов, Иванка Василевска, Жаклина Пешевска, Бојан Стојановски, Драган Ковачки, Никола Мицевски и Тони Јарески. Меѓу нив со нов мандат е и лидерот на Демократската партија на Србите Иван Стоилковиќ. За прв пат во пратеничка клупа ќе седнат поранешниот студентски лидер и досегашен советник во општина Кисела Вода, Иван Живковски и портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева.

Од СДСМ и нејзината коалиција во новиот пратенички состав влегува поранешниот премиер и лидер во оставка на СДСМ Димитар Ковачевски, претседателката на ЛДП Моника Зајкова, Горан Мисовски и Соња Мираковска од НСДП.

Во собраниските клупи ќе седнат и поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски и неговиот колега вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, како и шест други министри од последната влада од ресорите земјоделие, култура, одбрана и транспорт и врски: Љупчо Николовски, Бисерка Костадиновска Стојчевска, Славјанка Петровска и Благој Бочварски. Друштво на пратеничката група на СДСМ ќе им прави и актуелниот претседател на Собранието Јован Митрески и хирургот и поранешен министер за здравство Венко Филипче како и поранешната министерка за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска.

Во албанскиот политички блок новиот парламентарен состав ќе има мнозинство пратеници економисти. Седум од новите пратеници на Европскиот фронт и коалицијата ВЛЕН завршија студиите по економија, шестмина медицина, а другите се правници, филозофи, педагози, историчари итн.

Пратеници со професија економисти од коалициите Европски фронт и ВЛЕН се: Илире Даути, Елми Азири, Муса Џафери, Исмаил Јахоски (Коалиција Европски фронт), Изет Меџити, Ријад Шаќири, Садик Сулејмани. (Коалиција ВЛЕН).

Дел од овој парламентарен состав ќе бидат и пет лекари од Европскиот фронт и еден од коалицијата ВЛЕН.

Пратеници со професија лекарска струка во новиот пратенички состав од коалицијата Европски фронт се: Илир Хасани – хирург, Зиадин Села – интернист, Мендух Тачи – стоматолог, Бејџан Иљаз – лекар по општа медицина, Илир Демири – инфектолог. Додека од коалицијата ВЛЕН е Беким Сали – стоматолог.

Други имаат завршено студии по право, современи науки и технологии, филозофија, педагогија, историја итн. Надвор од овие професии, кои се почести, на новиот парламент нема да му недостигаат ниту уметници, војници, па дури и теолози.

Со оглед на тоа што се очекува од пратеничките клупи некои да се преселат во составот на новата Влада, сигурно на листата од пратеници ќе има и нови лица.

Во овој нов состав ВМРО ДПМНЕ ќе го има парламентарното мнозинство кое на изборите доби 58 пратеници. СДСМ во следниот состав ќе има 18 пратеници, а 18 пратеници ќе има и Европскиот фронт предводен од ДУИ, коалицијата ВЛЕН 14, Левица и Движењето ЗНАМ ќе имаат по шест пратеници.

Дестан Јонузи (Фронтлајн)

Зачлени се на нашиот е-билтен