АЛТА банка АД Битола на 29 октомври предвреме ги исплати октомвриските пензии, но пет дена подоцна пензионерите кои ги примаат своите средства преку оваа банка се соочуваат со ограничувања во располагањето со парите. По воведувањето привремена администрација од Народната банка, експозитурите се затворени за работа со клиенти, а граѓаните можат да користат најмногу 10.000 денари неделно преку платежните картички.
На 29 октомври банката ги извести пензионерите дека средствата се префрлени на нивните сметки и се достапни за користење. АЛТА беше меѓу првите банки што ја реализираа предвремената исплата на октомвриските пензии, пред редовниот термин утврден од Фондот на пензиското и инвалидското осигурување.
Но, само три дена подоцна, на 1 ноември, Народната банка донесе решение за воведување привремена администрација во АЛТА банка АД Битола, по случувањата со нејзиниот акционер во Србија.
Со новите мерки, од 2 ноември експозитурите привремено не работат со клиенти, а за физичките лица е воведен неделен лимит од 10.000 денари за подигање готовина и плаќање со картички. Внатрешните плаќања меѓу сметки во истата банка остануваат овозможени без ограничување на износот.
Дали ПИОМ веќе ѝ ги префрлил парите на АЛТА банка?
Овој развој отвора и дополнително финансиско прашање.
Фондот на пензиското и инвалидското осигурување претходно соопшти дека во координација со Владата исплатата на пензиите во 2026 година ќе се врши на први во месецот.
АЛТА банка, меѓутоа, ги исплати октомвриските пензии уште на 29 октомври, три дена пред редовниот датум.
Засега нема јавно достапна потврда дали Фондот на ПИОМ на 2 ноември веќе ги префрлил средствата кон АЛТА банка за исплатените октомвриски пензии или трансферот допрва треба да биде реализиран.
Доколку банката ги авансирала пензиите од сопствените расположливи средства, а ПИОМ сè уште не ги надоместил, тоа би значело дека банката има ненамирено побарување по оваа основа.
Не е познато ниту колкав е вкупниот износ на октомвриските пензии исплатени преку АЛТА банка, а повеќе од 10 000 пензионери ги примаат своите пензии преку неа.
Народната банка уверува дека средствата се безбедни
Од Народната банка нагласуваат дека воведувањето привремена администрација не значи затворање на АЛТА банка АД Битола, ниту одземање на дозволата за работа.
Според централната банка, АЛТА банка е ликвидна, високо капитализирана и ги исполнува супервизорските стандарди, а мерките имаат цел да ги заштитат средствата на клиентите до разрешување на сопственичката состојба.
Сепак, за пензионерите кои своите примања ги добиваат преку оваа банка, ограничувањата веќе имаат непосредни последици. Средствата се евидентирани на нивните сметки, но тие не можат да ги подигнат во целост.
Останува отворено и прашањето дали Фондот на ПИОМ веќе ја намирил обврската за октомвриските пензии кон банката, која сега е под привремена администрација на Народната банка.

