Трамп си игра со светската економија, секој ден милијарди долари загуби

Блумберг

Американско-израелската војна со Иран веќе им донела најмалку 25 милијарди долари трошоци на компании низ светот, а сметката продолжува да расте, покажува анализа на Ројтерс врз основа на корпоративни извештаи од САД, Европа и Азија.

Според анализата, најмалку 279 компании ја навеле војната како причина за поскапување на производството, нарушени синџири на снабдување, зголемени транспортни трошоци, намалување на производството, суспендирани дивиденди, отпуштања, дополнителни трошоци за гориво или барања за државна помош.

Главниот притисок доаѓа од Ормускиот Теснец, еден од најважните енергетски коридори во светот. Иранската блокада ги крена цените на нафтата над 100 долари за барел, повеќе од 50 проценти повисоко од периодот пред војната, што директно ги погоди енергетиката, транспортот, авиоиндустријата, автомобилскиот сектор, хемиската индустрија, производството на суровини и потрошувачките компании.

Авиокомпаниите засега го носат најголемиот дел од товарот. Според Ројтерс, тие пријавиле речиси 15 милијарди долари дополнителни трошоци, пред сè поради цената на авионското гориво. „Рајанер“ денеска предупреди дека неизвесноста околу снабдувањето со гориво и војната во Иран може да влијаат врз цените на билетите во следниот период, иако компанијата засега очекува да избегне летен недостиг на гориво.

Ударот не е ограничен само на транспортот. Компании како „Тојота“, „Проктер и Гембл“, „Вирлпул“ и „Континентал“ веќе предупредиле на повисоки трошоци, намалени прогнози или притисок врз профитните маржи. Дел од компаниите најавуваат поскапувања, што може да ја пренесе кризата од корпоративните биланси директно врз потрошувачите.

Европа и Азија се меѓу најизложените региони, поради зависноста од енергенси и суровини од Блискиот Исток. Ројтерс претходно оцени дека Г7 економиите се соочуваат со нов енергетски шок и инфлациски ризици, додека земјите во развој се дополнително изложени преку повисоки цени на нафта, поскапи увози и притисок врз националните валути.

За администрацијата на Доналд Трамп, војната со Иран е поставена како прашање на безбедност и спречување на иранската нуклеарна програма. Но економските последици веќе се мерат во милијарди долари дневни нарушувања, со ризик трошоците да се претворат во нов бран инфлација, поскапи производи, повисоки цени на превозот и поголем притисок врз домаќинствата.

Аналитичарите предупредуваат дека вистинскиот удар врз профитите на компаниите допрва ќе се гледа во вториот квартал и во втората половина од годината. Дел од трошоците досега биле ублажени преку резерви, договори за гориво и краткорочни заштитни механизми, но ако кризата продолжи, компаниите ќе имаат сè помал простор да ги апсорбираат загубите без да ги префрлат врз крајните цени.

Најчитано