Лидерот на најголемата опозициска партија во Македонија, Венко Филипче, во интервју за српскиот онлајн медиум Nova.rs упати серија остри обвинувања кон премиерот Христијан Мицкоски, тврдејќи дека постои политичко-финансиска мрежа што ги поврзува Будимпешта, Белград и Скопје преку бизнис, медиуми и енергетски интереси. Во интервјуто, Филипче посочува дека СДСМ со месеци предупредува на, како што вели, „влијанието на Орбановите структури“ во Македонија и најавува дека „ништо нема да остане под тепих“.
„Оваа мрежа не ја откриваме од вчера. Ја разоткриваме со месеци, а секој нов ден носи нови потврди“, изјави Филипче, додавајќи дека во Македонија премиерот Мицкоски „долго време го нарекуваат мал Вучиќ“. Според него, станува збор за „евтина копија“ на политичкиот модел што го применува српскиот претседател Александар Вучиќ. „Ако ја погледнете политиката, таму постои целосен copy-paste. Истата поделба на народот на патриоти и предавници, истата реторика околу Европската Унија“, вели лидерот на СДСМ.
Во интервјуто Филипче тврди дека компании и медиуми поврзани со унгарскиот премиер Виктор Орбан имаат значително влијание во Македонија, особено во медиумскиот и енергетскиот сектор. Тој се повика на извештаи на меѓународни организации како OCCRP и BIRN, тврдејќи дека постојат документирани врски меѓу унгарски капитал и медиумски структури блиски до ВМРО-ДПМНЕ. „Не зборуваме за теории на заговор. Зборуваме за документирани факти“, нагласува Филипче.
Тој дополнително ја отвори темата за кредитот од една милијарда евра што Македонија го доби од Унгарија, оценувајќи дека постојат сериозни сомнежи околу условите и вистинското потекло на средствата. „И уште не се знае каде завршиле тие пари. Освен што ќе ги враќаат граѓаните“, рече Филипче, додавајќи дека СДСМ бара отворање истраги за „кинеските пари преку Унгарија“.
Лидерот на СДСМ обвини и дека македонското обвинителство е под политичка контрола. „Обвинителството е под целосна контрола на Мицкоски. Премиерот ѝ се заканува на опозицијата преку обвинителството и најавува апсења“, изјави Филипче, правејќи паралела со политичките состојби во Србија.
Во делот посветен на можните идни чекори на СДСМ, Филипче најави формирање широк проевропски фронт и закон за „нулта толеранција за криминал и корупција“, по примерот на Естонија. Тој вели дека евентуалната идна влада на СДСМ ќе отвори ревизија на сите спорни договори поврзани со банки, медиуми и телекомуникациски лиценци. „Сè ќе биде прегледано. Сите сомнителни трансакции, кредити, лиценци и медиумски врски – ништо нема да остане под тепих“, порача Филипче.
