Москва: Четворица новинари осудени на по пет и пол години затвор поради соработка со Навални

Суд во Москва денеска осуди четворица новинари на по пет и пол години затвор, обвинети за соработка со организацијата на опозиционерот Алексеј Навални, која е класифицирана како терористичка организација, објави новинар од Франс прес, кој бил присутен во судницата.

Алексеј Навални почина во затвор во Русија во февруари 2024 година.

Новинарите Антоњина Кравцова, Сергеј Карелин, Константин Габов и Артјом Крибер се прогласени за виновни и осудени на по пет години и шест месеци затвор, изјави судијката Наталија Борисенкова пред новинарите и обвинетите.

Тие беа уапсени минатата година и обвинети за поврзаност со екстремистичка група, што тие го негираа.

Обвинителите побараа од судот во Москва секој од четворицата новинари да биде осуден на по пет години и 11 месеци затвор.

Судењето, кое беше затворено за јавноста, е дел од пресметката на руските власти со неистомислениците, која достигна невидени размери по нападот на Москва врз Украина во февруари 2022 година, пренесе Бета.

Четворица новинари се обвинети за соработка со Фондацијата за сузбивање корупција на Алексеј Навални, која беше прогласена за екстремистичка група и забранета во 2021 година, што многумина го сметаат за политички мотивиран потег.

Навални беше најголемиот ривал на рускиот претседател Владимир Путин и водеше кампања против корупцијата меѓу владините функционери. Во февруари 2024 година, Навални почина во сибирски затвор додека отслужуваше 19-годишна затворска казна, врз основа на пресуда за која тврдеше дека е политички мотивирана. 

Зачлени се на нашиот е-билтен