Рускиот претседател Владимир Путин ќе ќе бара НАТО да се повлече од границите со Русија до позициите што воената алијанса ги имала во 1997 година. Исто така, тој ќе бара гаранции дека Украина никогаш нема да стане членка на Северноатлантската воена алијанса пишува „Фајненшл тајмс“.
Изворот за ФТ рекол дека Путин е сериозен во намерата да ги официјализира регионите на Украина – Луганск, Доњецк, Запорожје, Херсон и Крим – како дел од Русија, и покрај тоа што делови од овие области сè уште се под контрола на Киев.
Ова го дознава „Фајненшл тајмс“ повикувајќи се на анонимни извори од Кремљ.
Според весникот се уште не е јасно кога ќе се одржи првата средба помеѓу новиот американски претседател Доналд Трамп и Путин, но од Москва испраќаат сигнали дека има желба за таква средба.
Трамп пред изборите изјави дека решавањето на украинското прашање би му одзело 24 часа, но неодамна неговиот советник Кит Келог спомена период од сто дена. Новиот американски лидер исто така посочи дека преговорите со рускиот претседател би можеле да се случат во рок од шест месеци по неговата инаугурација на 20 јануари.
Како што пишува ФТ, тимот на Трамп се уште нема изградена стратегија за овие преговори, поради што произволно поставените рокови веројатно ќе бидат продолжени.
„Путин сака да ги смени меѓународните правила за да ги неутрализира заканите за Русија. Тој е многу загрижен за тоа како би изгледал светот по завршувањето на војната“, вели изворот.
Овие барања на рускиот лидер доаѓаат во контекст на изјавите на Трамп за можноста САД да го намалат финансирањето на НАТО или дури и целосно да се повлечат од Алијансата.
„Светот се менува, сè може да се случи“, изјавил соговорникот за „Фајненшл тајмс“.