Најмалку петмина повредени во пукање во училиште во Шведска. Во моментов во училиштето во шведскиот град Оребро се одвива голема полициска акција, објави полицијата на својата веб-страница, без да даде дополнителни информации.
„Во овој момент нема дополнителни коментари. Се повикува јавноста да се држи настрана. Акцијата е во тек и се работи за тешко насилно кривично дело“, соопштија од полицијата.
Шведските медиуми пренесоа и кратка изјава на портпаролката.
„Операцијата е во тек. Во моментов не можам да кажам многу повеќе“, рече портпаролката на полицијата Евелина Астром.
Според соопштението од спасувачката служба, тие се на лице место со повеќе единици. На местото на настанот се и четири возила на брза помош, а две се на пат, соопшти спасувачката служба, пренесува таблоидот Афтонбладет.
„Тоа е сериозен инцидент, застанавме малку подалеку“, изјави за овој медиум Линда Форсберг од СОС, одговорна за спасувачката служба.
Според најновиот полициски извештај, кој постојано се ажурира, застрелани се пет лица, но не се знае степенот на нивните повреди.
Локалните медиуми известуваат дека „неколку луѓе“ се повредени и дека полицијата ја повикува јавноста да се држи подалеку од местото на инцидентот и да ги следи упатствата на полициските службеници.
„Операцијата се однесува на закани за смртоносно насилство. Акцијата се уште е во тек“, се вели во соопштението на полицијата.
Инцидентот во училиштето Рисбергска во Оребро е оценет како „сериозен“, а на местото на настанот биле присутни голем број полицајци.