Црна Гора храбро ита кон ЕУ, затвора уште две поглавја, Македонија чека гаранции

Црна Гора храбро ита кон ЕУ и на 14 јули во Брисел ќе затвори уште две поглавја од пристапните преговори, додека Македонија останува заглавена пред следниот чекор, со барање за гаранции дека по уставните измени нема да се појават нови билатерални условувања.

Амбасадорите на земјите членки на Европската Унија дадоа зелено светло за привремено затворање на поглавјето 8, кое се однесува на политиката на конкуренција, и поглавјето 29, кое ја опфаќа царинската унија.

Одлуката треба да биде формализирана на Меѓувладината конференција меѓу Европската Унија и Црна Гора, закажана за 14 јули во Брисел. По затворањето на овие две поглавја, Подгорица ќе има привремено затворено 18 од вкупно 33 преговарачки поглавја.

Црна Гора со тоа дополнително ја зацврстува позицијата на најнапреден кандидат за членство од Западен Балкан. Европските институции веќе ги започнаа подготовките за нејзиното идно членство, а еврокомесарката за проширување Марта Кос оцени дека земјата се наоѓа во завршната фаза од преговорите.

Истовремено, Албанија треба да затвори уште три поглавја, додека Украина и Молдавија ќе го отворат шестиот преговарачки кластер. Ирското претседателство со Советот на ЕУ го најави 14 јули како „супер вторник“ за европското проширување.

Во Македонија, пак, пристапниот процес останува блокиран пред отворањето на преговарачките кластери. Владата предводена од Христијан Мицкоски инсистира дека нема да ги поддржи уставните измени без гаранции дека внесувањето на Бугарите во Уставот ќе биде последното барање од билатерална природа.

Марта Кос, при посетата на Скопје, порача дека ниту една земја кандидат никогаш не добила гаранција дека во текот на пристапувањето нема да се појави нов спор. Таа нагласи дека проширувањето функционира преку исполнување на преземените обврски и градење доверба меѓу кандидатите и земјите членки.

Еврокомесарката посочи дека Македонија веќе има писмена потврда дека по усвојувањето на уставните измени ќе се одржи следната меѓувладина конференција. Според неа, со тој чекор земјата би можела да им се приклучи на Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија, кои во моментов напредуваат во процесот.

Македонија бележи силни резултати во спроведувањето на Реформската агенда и досега добила 142,1 милион евра преку Инструментот за реформи и раст. Сепак, напредокот во реформите засега не се претвора во отворање на преговарачките кластери поради неисполнетата обврска за уставните измени.

Кос предупреди дека во период кога проширувањето се забрзува, застојот практично значи назадување. Црна Гора ќе го продолжи својот пат со 18 затворени поглавја, додека македонската влада останува на позицијата дека без дополнителни гаранции нема услови за продолжување на процесот.

Најчитано