ЏАБИР ДЕРАЛА
Иако тоа го направив за време на прес конференциите пред, за време и по одржаните претседателски и парламентарни избори, сакам и овде јавно да им се заблагодарам на сите што придонесоа кон работата на ЦИВИЛ во изминатиот период.
Ќе ги наведам без посебен редослед, но сите ми се подеднакво важни.
„Ти одлучуваш. Гласај“ е иницијатива на ЦИВИЛ за промоција на правото на глас и граѓанското учество во носењето одлуки. Во неа учествуваа Дуња Иванова, Перо Арсовски, Сашо Орданоски, Савка Тодоровска, Петрит Сарачини, Зоран Бојаровски, Сефер Тахири, Војо Маневски, Зоран Иванов, Соња Танеска, Ана Василевска, Љубомир Костовски, Филип Јовановски, Владанка Крстевски, Ненад Јовановиќ и Тони Поповски.
Им благодарам за важниот придонес во јакнењето на јавната свест и граѓанската едукација.
ЦИВИЛ спроведе сеопфатен, долгорочен мониторинг на изборниот процес почнувајќи од 28 јануари годинава, кога беше изгласана техничката влада за спроведување на изборите. Претседателските избори на 24 април го набљудуваа 41, а парламентарните на 8 мај, 80 мобилни набљудувачи акредитирани од ДИК.
Без донации и дополнителни средства, тимовите на ЦИВИЛ дадоа сѐ од себе за да ги достигнат највисоките професионални стандарди за изборен мониторинг. Методологијата на ЦИВИЛ се развива веќе 16 години и претставува уникатен модел за следење и откривање на сите важни аспекти на изборниот процес, почнувајќи од дезинформациите и странското влијание, до квалитетот на спроведување на изборните процедури – секој ЦИВИЛ доследно ги оправда сите очекувања.
Притоа, тимот на ЦИВИЛ беше секогаш на располагање на странските, но и на домашните набљудувачи, вклучувајќи ги тука и меѓународната мисија на ОДИХР и данската СИЛБА. Им благодариме на интересот и довербата.
Сакам јавно да им се заблагодарам на сите набљудувачи на ЦИВИЛ за нивната посветеност и висока професионалност при извршувањето на комплексните задачи на деновите на гласање. Тие, понекогаш и по цена на ризик по сопствената безбедност, на прво место го ставија јавниот интерес и демократскиот процес, без компромис и калкулации известуваа за сите нерегуларности што ги открија на теренот.
Му благодариме и на персоналот на ДИК кој беше секогаш на располагање да одговори на нашите прашања и барања како организација која спроведува изборен мониторинг од 2008 година. Исто така, тука сакам да им се заблагодарам и на сите други институции кои во пресрет на изборите и за време на изборниот процес покажаа интерес за соработка со нив. Во нив спаѓа и Државната комисија за спречување на дискриминацијата, како и низа други.
Уште нешто… Во вителот на работните задачи, не стасав да обрнам посебно внимание на едно големо меѓународно признание што го добив. Фондацијата за Југоисточна Европа од Германија ми ја додели Новинарската награда за солидарност во Југоисточна Европа за 2024 година. Наградата ќе ми биде врачена на 4 јули во германскиот Бундестаг. Благодарен сум ѝ на Фондацијата и на тие што ме номинираа за оваа престижна меѓународна награда, како и на сите што ми честитаа. Можеби сакате да знаете дека ЗНМ, чиј член сум повеќе од 30 години, не ми ја честита наградата за СОЛИДАРНОСТ досега, веројатно од презафатеност.
Нејсе, да се вратам на моите благодарници.
За време на изборниот процес, странските набљудувачки мисии ги бараа моите колешки и колеги од ЦИВИЛ речиси секој ден, бидејќи се препознаени како одлични познавачи на состојбите и експерти во различни области соодветни на изборниот мониторинг. Нашите прес конференции, извештаи и анализи ги читаат релевантни носители на одлуки, како во земјата, така и во светот.
За време на изборната кампања и деновите на гласањето, ЦИВИЛ доби повеќе од 200 повици од граѓанки и граѓани од целата земја, па дури и од дијаспората. Ние им бевме на услуга на сите што имаа потреба од точна и навремена информација, без процедури и бирократија. Исто така, меѓу тие што се јавуваа беа и луѓе што сакаа да пријават нерегуларности, бидејќи во ЦИВИЛ препознаваат организација што не се двоуми и не калкулира со фактите. Им благодарам за довербата.
Им благодарам и на редакциите што покажаа интерес за изборниот мониторинг на ЦИВИЛ и го цитираа или пренесуваа до нивната публика тоа што ние имавме да го кажеме. За жал, нивниот број не е голем (во тек е долготраен тивок медиумски бојкот од познати причини). Но убеден сум дека кусокот од медиумско внимание на дел од мејнстрим медиумите го надополнивме со нашата медиумска платформа и преку прогресивните и професионални ТВ и интернет медиуми.
Сите заедно придонесовме кон уште еден слободен и демократски изборен процес. Одиме понатаму, поискусни и уште подобри од кога и да е.
ПС. Иако не заслужуваат благодарност за тоа што го прават, сепак, мора да ги споменеме партиските тролови и наци пропагандистите кои, со својата подмолна кампања против нас, само ни помогнаа да бидеме поистрајни и подобри во тоа што го правиме. Станавме повидливи и повлијателни од кога и да е порано, а бројот на оние што ја искажуваат својата безрезервна поддршка и доверба во нас секојдневно расте.