Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ЕК: За слобода на медиумите, македонското законодавство целосно да работи на усогласување со европското

Правната рамка што ги регулира медиумите во Северна Македонија не е целосно усогласена со европското законодавство, особено со Европскиот закон за слобода на медиумите, се наведува во Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата на европскиот пат за 2024 година во делот кој се однесува на медиумите и медиумските слободи. 

– Северна Македонија е помеѓу одредено ниво на подготовка и умерено ниво на подготовка за слободата на изразување и има ограничен напредок во оваа област, се оценува во Извештајот. 

Еврокомисијата наведува дека иако со измените на Законот за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги, усвоени јули 2023 година, беа укинати дискреционите права на Владата во доделувањето средства за радиодифузниот сектор, таа сепак продолжи да издвојува средства во намален обем. 

– Владиното рекламирање во комерцијалните медиуми беше повторно вратено во февруари 2024 година, со што се зголеми ризикот од потенцијална злоупотреба на политичките фондови, се загрози независноста на медиумите и се наруши пазарот, се додава во текстот, при што се нагласува дека ваквата постапка наиде на критики од страна на регулаторот за медиуми и медиумските организации. 

Дополнително се додава и дека Собранието повторно не успеа да именува нови членови на Програмскиот совет на јавниот радиодифузен сервис и на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ). 

– Изменети се и законите за медиуми и Изборниот законик. Сепак, овие измени не беа сеопфатни и повеќе значајни прашања остануваат нерешени, се наведува во Извештајот. 

Комисијата посочува дека нејзините препораки поврзани со медиумите од ланскиот Извештај за напредокот биле само делумно спроведени и остануваат да важат и оваа година.  

– Во наредната година, земјата треба особено да продолжи да ја ревидира правната рамка што ги регулира медиумите за да ја усогласи со законодавството на ЕУ и европските стандарди, особено со воведување правила за целосна транспарентност за сопственоста на медиумите и за рекламирањето, конкуренцијата и државната помош, како и за правата на интелектуална сопственост, во согласност со единствениот пазар на ЕУ, се посочува во документот. 

ЕК, исто така, препорачува земјата да ја спроведе стратегијата за реформирање на Јавниот радиодифузен сервис и да ги именува Програмскиот совет на македонската радиотелевизија и Советот на АВМУ, како и да продолжи „навремено да се справува со сите закани и акти на насилство врз новинарите и да обезбеди сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата“. 

– Во 2023 година Министерството за внатрешни работи евидентира седум случаи на напади врз новинари и отвори истраги за нив. Здружението на новинари на Македонија регистрираше пет инциденти поврзани со новинари. Од нив, три се однесуваат на нефизички закани и вознемирувања, а две се закани по животот и физичката безбедност на новинарите, се наведува во текстот. 

Во Извештајот се посочува и дека во македонските судови лани биле покренати 19 тужби за клевета против новинари, што претставува намалување во споредба со 2022 година, како и шест т.н. „стратешки тужби против учество на јавноста“ (СЛАПП), при што се нагласува дека во земјата не постои механизам за поддршка и заштита на новинарите и заштитниците на човековите права од ваквите тенденциозни тужби. 

– Новинарите се соочија со непримерен јазик од политичари и јавни личности. Посебно е назначен обвинител за следење на нападите врз новинари, а инцидентите на кибер малтретирање може да се пријават во Одделот за компјутерски криминал на Министерството за внатрешни работи, наведува ЕК. 

Во документот се потенцира и дека минатата година медиумскиот регулатор продолжил со својот надзор над радиодифузните медиуми и врз незаконската медиумска концентрација и сопственост, соработувајќи со граѓанските организации и медиуми за промоција на медиумската писменост и човековите права. 

Во врска со јавниот радиодифузен сервис, ЕК проценува дека му е потребна модернизација и подобрување на конкурентноста, независноста и професионалните стандарди.  

– Финансирањето на организацијата е неконзистентно, предизвикувајќи несигурност во планирањето. Законот за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги од јули 2023 година го зголеми целокупното финансирање, но властите префрлија помалку средства од законски предвиденото, се додава во документот. 

Комисијата посочува и дека во земјата остануваат предизвиците поврзани со транспарентноста околу сопственоста на медиумите, а политичките партии продолжуваат да користат државни средства за рекламирање, при што и натаму нема транспарентност за платеното политичко рекламирање.  

– И печатените и електронските медиуми се законски обврзани да достават информации за нивните сопственици до регулаторното тело за аудио-визуелни медиуми, но сепак не постои законска регулатива за обелоденување на сопственоста и финансиските состојби на дигиталните национални медиуми. Регистарот за сопственост на дигитални национални медиуми е саморегулирачки механизам, се нагласува во Извештајот. 

Во врска со интернет мрежата, во документот се посочува дека нејзината неутралност е загарантирана, како во однос на законските одредби, така и при практичната имплементација. 

– Сепак, остануваат предизвиците во секторот на онлајн медиумите со зголемени закани за ширење на дезинформации, говор на омраза и прекршување на интелектуалните права, се наведува во Извештајот, при што се потенцира дека Советот за етика во медиумите лани забележал четири пати поголем број на поплаки за говор на омраза во споредба со претходната година. 

Документот посочува и дека земјата е умерено подготвена во областа на дигиталната трансформација и медиумите.  

– Постигнат е ограничен напредок, особено мало зголемување на електронските услуги достапни за граѓаните и деловните субјекти, како и усвојувањето правилници насочени кон намалување на трошоците за поврзување на брзи мрежи, се наведува во текстот, при што се додава дека ланските препораки на ЕК се само делумно спроведени и во голема мера важат и за овој Извештај.  

Според ЕК, земјата треба да ги финализира и усвои долгорочната стратегија за информатичка и комуникациска технологија (ИКТ) и националната стратегија за кибер безбедност, да го усогласи националното законодавство со Европскиот кодекс за електронски комуникации, со директивите на ЕУ за намалување на трошоците за широкопојасен интернет и за безбедност на мрежните и информациските системи, како и со Инструментот за 5Г кибер безбедност. 

Во документот се нагласува и потребата од зајакнување на независноста и капацитетот на медиумскиот регулатор, на јавниот радиодифузен сервис и на регулаторот за електронски комуникации. 

Во Извештајот се потенцира и дека Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници ги брани работничките и социјалните права на новинарите, додека посебни синдикати ги штитат правата на новинарите кои работат за јавниот радиодифузен сервиси и новинските агенции.

– Остануваат недостатоците во работните услови на новинарите, особено со хонорарните договори без здравствено и социјално осигурување, неисплатените прекувремени работни часови и ниските плати, кои придонесуваат за самоцензура и влијание врз уредувачката политика од страна на сопствениците на медиумите, се заклучува во делот за медиумите во овогодишниот Извештај на Европската комисија за македонскиот напредок на европскиот пат

Зачлени се на нашиот е-билтен