„Лукоил“ бара милијарди од Бугарија поради државната контрола врз рафинеријата во Бургас

Лукоил

Компанијата поврзана со руската групација „Лукоил“ бара обесштетување од Бугарија поради преземените државни мерки врз нејзините средства во земјата, во спор кој може да прерасне во меѓународна арбитража.

Спорот се однесува на бугарската рафинерија „Лукоил Нефтохим Бургас“, на компанијата „Лукоил Бугарија“ и на други поврзани субјекти кои беа ставени под надворешно управување поради ризиците за снабдувањето со горива и ефектите од американските санкции против руската групација.

Бугарскиот парламент во ноември 2025 година усвои законски измени со кои беше овозможено државата да назначи посебен управител за компаниите на „Лукоил“ во земјата. Со тоа управувањето беше пренесено на назначен комерцијален управител, а мерката беше претставена како начин да се заштити енергетската безбедност и да се обезбеди непречена работа на најголемата рафинерија во Бугарија.

„Литаско СА“, компанија регистрирана во Женева и дел од групацијата „Лукоил“, тврди дека мерките на бугарската држава ги погодиле нејзините инвестиции и предизвикале значителни загуби. Компанијата во февруари поднела формално известување за спор против Бугарија, повикувајќи се на билатералниот договор за заштита на инвестиции меѓу Швајцарија и Бугарија, како и на Договорот за енергетска повелба.

Во известувањето се наведува дека преземените мерки претставуваат незаконска експропријација без надомест. Доколку не се постигне спогодбено решение, компанијата најавува користење на сите правни механизми, вклучително и постапка пред Меѓународниот центар за решавање инвестициски спорови.

Бугарски медиуми објавуваат дека евентуалната отштета може да достигне околу три милијарди евра. Официјалното соопштение на „Литаско“ не наведува конкретна сума, но потврдува дека компанијата смета дека државните мерки предизвикале значителни финансиски последици.

Случајот е дел од поширокиот енергетски и политички притисок врз руските енергетски компании во Европа по воведувањето санкции. Рафинеријата во Бургас има клучна улога во бугарскиот пазар на горива, поради што секоја промена во нејзиното управување има економски и безбедносни последици за земјата.

Најчитано