Жители на Пештани и активисти од граѓанската иницијатива „Охрид SOS“ алармираат за состојбата со покривот на хотелот „Десарет“ во Охрид, за кој тврдат дека е сериозно оштетен и претставува опасност за гостите. Според објавените информации, најкритичен е делот над ресторанската сала и мензата, каде престојуваат и деца.
Хотелот е во сопственост на „Охридтурист“, а е даден под закуп на поранешниот пратеник Лазе Таневски. Од „Охрид SOS“ велат дека уште минатата година до Општина Охрид била доставена пријава, по што овластен градежен инспектор извршил увид и издал решение покривот да биде саниран до 30 април 2026 година.
Според написот, рокот не бил испочитуван, иако хотелот за првомајските празници работел со полн капацитет. Во одговорите што ги добиле подносителите на пријавата било наведено дека не можело да се обезбеди изведувач за санацијата. Подоцна, според нив, од општината било посочено дека оштетувањето не било толку сериозно.
По тоа, до Државниот градежен инспекторат била поднесена пријава за несовесно работење и непостапување по издаденото решение.
Хотелот „Десарет“ е изграден во 1973 година според проект на архитектот Пантелеј Митков и се смета за дел од современото архитектонско наследство на охридскиот регион.
