Пожарот кој веќе девет денови гори во Националниот парк Галичица е јасно видлив и од охридската страна, откако претходно гореше од страната на Република Албанија и од врвот Магаро кон преспанската страна.
Вечерва пожарот е јасно видлив и од охридската страна, од каде покрај густиот чад кој беше забележлив изминатите денови, сега се гледа и огнот.
Граѓаните во текот на денот забележуваа и дека во Охридското Езеро се забележуваат саѓи и пепел од пожарот, како и мирис на чад.
Според директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов густиот црн чад најверојатно е предизвикан од од поголемиот број смреки и овој чад предизвикува силна вознемиреност кај граѓаните.
„Втората карактеристика на овој пожар, особено од охридска страна е што се слушнаа неколку детонации на неексплодирани минско-експлозивни средства, остатоци од војните кои се воделе на овој регион и фронтовата линија. Тоа дополнително го отежнува гасењето на овој пожар бидејќи мораме да почекаме истиот да се приближи кон шумата каде што е релативно побезбедно, затоа што на голиот појас, каде има претежно трева и грмушки и друга ниска вегетација, гасењето е ризично и опасно бидејќи постои можност од експлозии“ истакна Ангелов.
Покрај пожарот во Националниот парк Галичица, според ЦУК има активни уште 13 пожари низ државата, од кои еден е во Маврово, уште еден национален парк, каде што гори ела, смрека и сува трева во близина на село Врбен. Борова шума гори во заштитеното подрачје Јасен во општина Македонски Брод.
Останатите пожари за кои јавува ЦУК се во Општина Кочани и Општина Мекедонска Каменица: с.Пресека– с.Цера, Општина Долнени 1: с.Дебреште се шири кон с.Рилево и с.Зрзе како и кон с.Крапа во Општина Македонски Брод, Општина Кичево 1: с.Патеец – с.Козичино, проширен кон с.Горно Крушје во Општина Македонски Брод, Општина Кичево 2: с.Зајас – с.Горно Строгомиште, Општина Новаци 1: с.Полог – Брник, Ивени, Рапеш, Општина Новаци 2: с.Острец, Општина Пласница: с.Пласница – с.Латово, Општина Македонски Брод 2: с.Грешница, Општина Долнени 2: с.Плетвар, Општина Пробиштип: с.Ратковица према Пониква, Општина Куманово: с.Кучкарево.