Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, наместо да го решава проблемот со градскиот превоз, измислува нови правила при поднесување на иницијативи, тврдат од советничката група во градскиот совет, на СДСМ.
Тие посочуваат дека утринава, Славески, поставил нови апсурдни барања за поднесување на барање за свикувње на итна седница:
„Славески побара нешто што никогаш не го барал до сега. Врз иницијативата да стојат оригинални потписи со пенкало. Тоа е процедурална пречка. Го повикуваме Славески, да престане со кочењето и конечно да дозволи решавање на проблемите кои го парализираат градот“, велат во советниците на СДСМ.
Советничката група на СДСМ и коалицијата апелираат да престанат политичките игри и итно да биде свикана вонредната седница на Советот, на која ќе се најде решение за јавниот превоз. Со иницијативата, советниците на Град Скопје од СДСМ, бараат решавање на хаосот во јавниот градски превоз, односно бараат информација од градоначалничката, Данела Арсовска и од секторите на Град Скопје, за враќање на функционалноста на јавниот превоз.
„Секој ден одложување е ден повеќе во кој граѓаните страдаат. Јавниот превоз не е луксуз, туку основна потреба. Ние ќе направиме сè за да ги заштитиме нивните права. Ги повикуваме советници, да ја поддржат иницијативата, бидејќи само така ќе покажат одговорност“, велат советниците на СДСМ.
Според координаторка на советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, наместо да се караат, Арсовска и Славески да почнат да работат.
„Додека хаосот во Скопје се продлабочува, ние цели три години гледаме и слушаме како ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески и Арсовска се караат и си ја префрлаат одговорноста. На сметка на нивните кавги, граѓаните секојдневно се соочуваат со нередовен и дотраен јавен превоз“, вели Јанчева.
На последните локални избори, Данела Арсовска беше кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, за градоначалник на Скопје. Партијата на Христијан Мицкоски, ја промовираше Арсовска како „најдобра менаџерка“, со ветувања дека Скопје ќе стане модерна метропола во која ќе има бесплатен превоз и нови 250 автобуси.
„Што имаат сега граѓаните? …Наместо модерни решенија, имаат јавен превоз во катастрофална состојба, град затрупан со ѓубре и граѓани оставени сами да се снаоѓаат за основни потреби. Виновници за хаосот во јавниот превоз се советниците на ВМРО-ДПМНЕ, кои континуирано одбиваат да гласаат за набавка на нови, еколошки автобуси. И сега, Мицкоски ветува 100 екоавтобуси, но за нив нема средства во Буџетот за 2025 година. Ова е уште едно празно и лажно ветување до граѓаните. До кога ќе продолжат ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоскик манипулирате и да се изживувате врз граѓаните? – прашуваат советниците на СДСМ.