Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Што носи носи новата Национална стратегија – вработувања на странци, раст од 4 отсто и праведни даноци

Задолжителна пракса во средното и високото образование. Легализација на вработувања на имигранти. Преку помени во образованието до квалификувана работна сила и намалување на невработеноста, пишува Порталб.мк. Економски раст од 4%, странски инвестиции во иновации и за зелена транзиција. Новата усвоена Национална развојна стратегија 2024-2028 постави високи „таргети“ кои треба да бидат цел на секоја владејачка гарнитура без разлика кој партиски „дрес“ го носи.

Економски таргети 

Одржлив раст од 4% кој ќе го испорача економијата врз основа на нов модел – раст на продуктивноста, иновативноста, дигитализацијата и како резултат на „зелената транзиција“. За да се постигне овој таргет капиталните расходи, просечно, на годишно ниво треба да изнесуваат 4,9% од БДП, странските директни инвестиции 3,7% а инвестициите на целиот приватен сектор околу 28% од БДП.

Овие амбициозни економски резултати треба да се испорачаат до 2028 година. Тие се дел од новоусвоената Национална развојна стратегија 2024 – 2044 година која доби „виза“ од Собранието, а на чие изготвување работеше и претходната власт. Новиот документ ги поставува стратешките цели кон кои треба да се движи секоја Власт без разлика на партискиот „дрес“.

Во однос на економијата се поставуваат бројни цели – една од нив и легализација на вработувања на доселеници (странци, имигранти) од трети земји, како мерка со која ќе се амортизира дефицитот на работна сила во земјава.  

„Ефективно управување и искористување на потенцијалот на надворешните миграции и обезбедување на регулирана интеграција на пазарот на труд“, се наведува во НРС и ова треба да се спроведе до 2028 година а ефектот од оваа мерка треба да биде раст на вработеноста во државава до над 53%.

За компаниите се најавува правна сигурност но и праведно оданочување.

„Подобрување на клучните сегменти на бизнис климата, спречување на корупцијата, неформалната економија и нелојалната конкуренција, фер регулација на бизнисите, праведен даночен систем, добро структурирана политика на привлекување на СДИ итн“, се посочува во стратегијата и ова исто така треба да се постигне и испорача до 2028 година.

Државата ќе се насочи кон привлекување на странските „иновативни“ и „зелени“  инвестиции, а домашните ќе добијат поддршка за да ја зголемат конкуренцијата.

„Поголемо учество на кредити за поддршка на зелениот раст и дигитализацијата, поголема употреба на европските фондови“, се наведува во планот за спроведување на Стратегијата.

Образовни таргети 

Дефицитот од квалификувана работна сила, поради одлив на кадар во странство но и поради сегашниот концепт на образование, е еден од проблемите на кои ќе се бара решение – токму преку образованието.

Се предвидува законска регулатива за задолжителна практична настава не само во средното, туку и во високото образование со директна вклученост на приватниот сектор.

„Поголема застапеност и подобар квалитет на практиката, вклучување на бизнис-секторот во изготвувањето на наставните програми, поттикнувачки мерки за фирмите кои организираат практична настава и соодветни надоместоци за практикантите.. Подобар квалитет на задолжителната практика на факултетите“, се наведува во Стратегијата.

Со промените во образованието и на пазарот на труд се очекува да се постигнат повеќе цели :

стапката на невработеност на младите од 15 до 29 години да се спушти под 30%

стапката на невработеност да изнесува 10% од работната сила

учеството на неформално вработените во вкупниот број на вработени да се намали на 8%

Еден од тагетите е и рамномерниот регионален развој. До 2028 година просечно , средствата по овој основ треба да изнесуваат 1% од БДП а степенот на фискална децентрализација треба да изнесува 5% од БДП. 

Зачлени се на нашиот е-билтен