Петте партии кои преговараат за формирање нова Влада на Белгија вечерва постигнаа договор за владината програма на идниот Кабинет на мандатарот и лидер на десничарската Нова фламанска алијанса (Н-ВА), Барт Де Вевер.
Како што јави белгискиот радиодифузен сервис ВРТ, петте партии од „Аризона“ коалицијата – Н-ВА, валонското либерално Реформско движење (МР), валонската центристичка партија Посветените (ЛЕ), фламанската социјалдемократска партија Напред (Вуројт) и десноцентристичката Христијански демократи и Фламанци (ЦДВ), на вечерашната рунда преговори ги усогласиле ставовите околу даночната политика, пазарот на трудот и пензиските реформи.
Се очекува подоцна вечерва Де Вевер да биде примен од белгискиот крал Филип и да го информира за постигнатиот договор.
Според првичниот план, Де Вевер требаше да се сретне со кралот денеска во 18 часот, но Кралската палата соопшти дека аудиенцијата е одложена.
Де Вивер имаше док до крајот на денов да го извести шефот белгиската држава за резултатите од неколкумесечните преговори за формирање нова Влада, по изборите одржани на 9 јуни минатата година на кои Н-ВА освои 24 пратеници, пред националистичката и десно популистичка Фламански интерес (ВБ) и РМ со по 20, валонската Социјалистичка партија (ПС) со 16, Работничката партија на Белгија (ПВДА/ПТБ) со 15, ЛЕ со 14, Вуројт со 13, ЦДВ со 11, Отворени Фламански либерали и демократи (Опен ВЛД) со 7, Зелените со 6, Еколо со 3 и бриселската регионална либерална партија Независни федерални демократи (ДЕФИ) со 1 мандат.
Неколку недели по изборите, белгискиот крал Филип му довери задача на Де Вевер да се обиде да состави нова владина коалиција, но кон средината на август тој го врати мандатот. По ова, кралот на 23 август го задолжи лидерот на ЛЕ, Максим Прево да посредува во обидите за формирање нов владин кабинет. На 1 септември Прево изјави дека неговата мисија била успешна и дека петте партии потенцијални коалициски партнери ја потврдиле „својата решеност да ги спроведат важните структурни реформи, кои треба да ја вратат Белгија на колосекот на просперитетот и благосостојбата за нејзиното население и економија“. Веќе следниот ден кралот Филип одново го задолжи Де Вевер да ги продолжи преговорите за формирање идна владина коалиција, за што првичниот краен рок беше 23 септември, но тој потоа беше продолжуван во неколку наврати. Последниот „краен рок“ што кралот му го даде на Де Вевер истекува денеска.
Инаку, името „Аризона“ на потенцијалната идна владина коалиција потекнува од боите на петте партии – жолта (НВ-А), сина (МР и ЛЕ), црвена (Ворујт) и портокалова (ЦДВ), кои се и на знамето на американската сојузна држава Аризона. Актуелната владина коалиција во Белгија се нарекува „Вивалди“, како алузија на делото на композиторот Антонио Вивалди, „Четири годишни времиња“, бидејќи Владата ја сочинуваат либерали, социјалдемократи, демохристијани и екологисти. Таа беше формирана во октомври 2020 година, 494 дена по изборите одржани на 26 мај 2019 година.