Големи пожари на десетина локации во Србија, во гаснењето се вклучи и армијата

Фотографија на Војската на Србија
Фотографија на Војската на Србија

На барање на Министерството за внатрешни работи и локалните самоуправи, Армијата на Србија итно ангажираше хеликоптер, противпожарни возила, цистерни за вода и потребен персонал за помош при гаснење на пожарите што избувнаа на неколку локации во државата.

Како што наведува Министерството за одбрана, пожари излегле од контрола поради неповолните временски услови во близина на Крагуевац, Прокупље, на планината Тара, како и во општините Горњи Милановац, Куршумлија, Ваљево, Велико Градиште и Бујановац.

Наведено е дека специјализиран хеликоптер бил ангажиран во гаснењето на пожарот во близина на Прокупље.

„Преку заеднички напори со силите на противпожарно-спасувачките единици на МВР и други надлежни цивилни структури, припадниците на војската успеаја да ги локализираат пожарите на Тара и во близина на Куршумлија, додека на други локации пожарот се уште интензивно се гаси“, се вели во соопштението на МО на Србија.

На територијата на Србија, вчера помеѓу 7:00 и 19:00 часот беа регистрирани 620 пожари на отворено, соопшти српското МВР.

Во соопштението се наведува дека нема жртви, но дека се повредени двајца пожарникари и спасувачи и уште четири лица.

Во 148-те пожари во Шумадија во текот на вчерашниот ден изгореа 15 куќи, и повредени се три лица, изјави доцна синоќа Лука Чаушиќ, началник на Одделот за вонредни ситуации.

Според него, „ова е најтешкиот ден што го паметат колегите кои работат повеќе од 30 години кога станува збор за пожари на отворено“. Во тој дел од Србија има 12 активни пожари. 

Зачлени се на нашиот е-билтен