Со силен притисок се соочува Крит, со оглед на тоа што продолжуваат со несмален ритам мигрантските бранови од Либија, а стотици бегалци и мигранти се наоѓаат грчкиот остров, без притоа да постојат соодветни простори за нивни прием, јави дописничката на МИА од Атина.
Во неделата пристигнале над 800 бегалци и мигранти, а чамци од Либија имаше и во текот на вчерашниот ден, што според процените во медиумите, за три дена во близина на Крит биле спасени над 1.200 лица.
Голем дел од нив, привремено се сместени во просторот на саемот во градот Ханиа на Крит.
Според локалните медиуми од Крит, островот се соочува со една од најголемите мигрантски кризи во изминатите години, а жителите изразуваат загриженост.
Државната телевизија ЕРТ објави дека пристигнувањата од почетокот на годинава се 9.000, а мигрантските бранови се зголемени за околу 350 отсто.
Министерот за миграција и азил на Грција Танос Плеврис, заедно со министри од Италија и Малта и еврокомесарот за миграција Магнус Брунер денеска се во посета на Либија со цел да разговараат за зајакнување на соработката со либиските власти за ефикасно управување со мигрантското прашање.