Хаос со времето на Балканот: Во Словенија снег, во Хрватска, Босна и Херцеговина силно невреме и ветрови, во Македонија пеколни жештини

Снег падна во Словенија сред лето, а температурите на планините паднаа на 0 степени Целзиусови. Ќе биде доволно ладно за снег на највисоките врвови, па затоа на некои места би можело да се насоберат неколку сантиметри снег.

Според метеоролозите, влошувањето на времето со грмотевици што ги зафатија словенечките региони е веќе во последната фаза, што значи дека по минувањето на фронтот имаше дополнително заладување, а границата на снежните врнежи се спушти на околу 2.200 метри надморска височина.

Во останатите делови на Балканот хаос од временски неприлики. Во Хрватска, Босна и Херцеговина силно невреме и ветрови, во Македонија пеколни жештини.

Предупредување за ризик од бури со дожд, град и силни налети на ветер испрати Министерството за внатрешни работи на Србија

Оваа порака од Министерството за внатрешни работи пристигна на телефоните во Србија околу пладне на 8 јули, а час и половина подоцна Белград и Нови Сад беа погодени од силно невреме.

Град со големина на лешник падна во Футога, Ветерник, Беочина, јавува Радио телевизија на Србија.

Републичкиот хидрометеоролошки завод прогласи црвен временски аларм за речиси цела Србија, што значи дека времето е многу опасно.

Очекуваните временски феномени се со таков интензитет што можат да предизвикаат голема материјална штета и да бидат многу опасни за безбедноста на луѓето и животните.

Силна бура го погоди и Сплит, хрватскиот крајбрежен град, а ден претходно, град падна во Загреб, придружен со бурни ветрови.

Во Сплит, повредени се повеќе луѓе, а евидентирана е и материјална штета, објавува Index hr.

Силна бура, со силен дожд и ветер, погоди и делови од Босна и Херцеговина (БиХ).

Зачлени се на нашиот е-билтен