Супорт Кочани со втора донирана пратка компресивна облека за повредените во пожарот

Граѓанската иницијатива „Support Kocani“ попладнево соопшти дека е пристигната втората донирана пратка компресивна облека за повредените во пожарот што се случи на 16 март, годинава.

Од „Support Kocani“ информираат дека облеката веќе е доставена во Општата болница во Кочани.

„Во оваа пратка се вклучени 43 парчиња компресивна облека, изработени по индивидуални мерки за 17 повредени лица. Облеката беше испорачана во Македонија во понеделник навечер, а веќе денес е доставена на Општата болница во Кочани. Фактурата за оваа пратка, во износ од 283.802 денари, е целосно исплатена од страна на Support Kocani“, велат од граѓанската иницијатива.

Ова е втора по ред испорака на компресивна облека што ја обезбедува иницијативата Support Kocani откако претходно обезбеди една пратка во вредност од 923.458 денари.

Вкупниот износ на двете набавки е 1.207.260 денари, односно 23.560,37 евра, средства обезбедени преку донации од хумани граѓани, фирми и поддржувачи од земјата и дијаспората.

„Голема благодарност упатуваме до компаниите Julius Zorn GmbH и Health 2000, кои што овозможија квалитетна и навремена медицинска помош за што поголем број повредени лица. Во време на болка, солидарноста е најголем лек. Никој нема да биде сам. Делата зборуваат многу погласно од зборови, а ние не застануваме – продолжуваме посветено и одговорно, сè додека постои потреба и сè додека има луѓе што веруваат во хуманоста“, порачаа од Support Kocani.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ загинаа 62 лица, а околу 200 беа повредени. 

Зачлени се на нашиот е-билтен