Рускиот претседател Владимир Путин упати недвосмислена закана кон Западот, предупредувајќи дека сите странски трупи во Украина – дури и мировните – ќе бидат „легитимни цели за уништување“. Настапот во Владивосток беше проследен со силен аплауз од руските функционери и бизнис елитата, пишува BBC.
Заканата дојде ден по најавата на т.н. Коалиција на подготвени, група сојузници на Киев, дека се подготвени да испратат мировни сили по евентуален мировен договор.
Путин, исто така, изјави дека би прифатил средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски, но исклучиво во Москва – што надвор од Русија беше оценето како неозбилен и неприфатлив предлог.
Според анализата на BBC, цврстиот став на Кремљ е поткрепен од повеќе фактори: уверувањето дека руската војска има предност на теренот, дипломатските контакти на Путин со Кина, Индија и Северна Кореја кои покажуваат дека Русија има моќни пријатели, како и сигналите од Вашингтон – каде Доналд Трамп, и покрај заканите со санкции, не успеа целосно да ја изолира Москва.
„Да, сакаме мир – но само под наши услови. Ако ги одбиете, нема да има мир“, е суштинската порака од Кремљ, пишува BBC, додавајќи дека патот кон мирот што го гледаат Русија и Украина води во сосема различни правци.