Во зградата на Генералниот секретаријат на претседателот на Србија денеска се одржа седница на Советот за национална безбедност посветена на последните случувања во Косово, објави N1.
На состанокот на Советот за национална безбедност биле договорени сите неопходни безбедносни активности со цел зајакнување на одбранбените капацитети на Република Србија.
„Поради бруталната употреба на сила од страна на Албин Курти и неговите сили против српскиот народ на Косово и Метохија, вооружените сили на Република Србија остануваат на највисоко ниво на борбена готовност до понатамошно известување, беше договорено на состанокот на Советот за национална безбедност“, се наведува во соопштението од Кабинетот на претседателот на Србија.
Нагласено е дека КФОР/НАТО не ја извршиле својата работа согласно Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации и Воено-техничкиот договор од Куманово.
Началникот на Генералштабот на српската армија, генерал Милан Мојсиловиќ, е овластен да одржува директен контакт со командантот на КФОР, во обид да се гарантира дека КФОР/НАТО ја исполнуваат својата функција и мандат, согласно релевантните акти на ОН и заштита на косовските Срби.
Во соопштението се додава дека „Република Србија ќе биде цврста и непоколеблива во заштитата на својот народ“.
Г. Т.