Расте предноста на унгарската опозиција, Орбан ја губи сигурноста

Маѓар

Унгарската опозиција влегува со засилена предност во последните недели пред парламентарните избори во Унгарија, закажани за 12 април 2026 година, а новата анкета на „Медијан“, објавена преку hvg.hu и пренесена од Ројтерс, покажува дека партијата Тиса на Петер Маѓар има 58 отсто поддршка меѓу определените гласачи, наспроти 35 отсто за владејачкиот Фидес на Виктор Орбан. Во поширокото избирачко тело, односот е 46 спрема 30 отсто, што сугерира дека Орбан влегува во кампањата без комфорот на досегашната изборна доминација.

Разликата не е важна само поради бројките, туку и поради трендот. Во февруари Тиса имала 55 проценти поддршка кај определените гласачи, што значи дека за еден месец дополнително се одвоила, додека Фидес останал на исто ниво. Тоа се случува и покрај мерките на владата за кревање на популарноста во услови на долготрајна економска стагнација, инфлациски притисок и незадоволство поради корупцијата и состојбите во јавните услуги.

Така, изборите што долго време изгледаа како уште еден контролирано добиен циклус за Орбан, сè повеќе се претвораат во најсериозниот тест за неговото 16-годишно владеење. Ројтерс оценува дека Тиса, предводена од поранешниот владин инсајдер Петер Маѓар, успеала да се наметне како главна проевропска алтернатива, со поддршка што расте особено кај помладите и урбаните гласачи, додека власта се обидува изборите да ги претстави како избор меѓу „војна или мир“.

Дополнителен сигнал за слабеењето на Орбан е и високата мобилизација на гласачите. Според истата анкета, дури 89 проценти од испитаниците велат дека планираат да гласаат, што би можело да донесе рекордна излезност. Во таков амбиент, Орбан повеќе не изгледа како лидер што само ја брани власта, туку како премиер што првпат по долго време навистина ја губи политичката сигурност под нозете.

Зачлени се на нашиот е-билтен