Марта Кос за Западен Балкан испрати јасна порака: местото на целиот регион е во Европската Унија, но вратата на ЕУ е отворена само за земјите што реално спроведуваат реформи, а не за тие што европската агенда ја користат само како политичка реторика.
Еврокомесарката за проширување говореше на 18. годишен состанок на Советот за регионална соработка, каде порача дека проширувањето е дел од пошироката безбедносна и политичка стабилност на Европа. Според неа, Западен Балкан мора да остане цврсто поврзан со Унијата, но напредокот ќе зависи од тоа кој навистина ги исполнува реформските обврски.
„Местото на целиот Западен Балкан е во ЕУ“, порача Кос, нагласувајќи дека можноста за проширување е достапна за оние што ги спроведуваат реформите. Таа го издвои Заедничкиот регионален пазар како важен чекор кон подлабока интеграција со единствениот пазар на ЕУ и подобар живот за граѓаните.
За Македонија оваа порака има посебна тежина. Земјата формално останува дел од европскиот пакет за Западен Балкан, но со години се соочува со политички застој, споро темпо на реформи и блокада поврзана со уставните измени. Тоа значи дека европската врата не е затворена, но не се отвора автоматски.
Изјавата на Кос доаѓа во момент кога во регионот се гледа различна брзина на европскиот пат. Црна Гора и Албанија се движат побрзо во пристапниот процес, додека Македонија ризикува повторно да остане во чекалната ако реформите останат само тема за прес-конференции и партиски препукувања.
Планот за раст на Западен Балкан е еден од инструментите преку кои Европската Унија се обидува да го приближи регионот до единствениот пазар уште пред членството. Тој предвидува финансиска поддршка од 6 милијарди евра за периодот 2024-2027 година, но парите се врзани со исполнување конкретни реформски обврски.
Тоа значи дека Македонија може да добие економски придобивки, поголема поврзаност и побрз пристап до европскиот пазар, но само ако покаже резултати во владеењето на правото, јавната администрација, борбата против корупцијата и институционалната стабилност.
Генералниот секретар на Советот за регионална соработка Амер Капетановиќ порача дека регионалната соработка повеќе не е само дипломатска алатка, туку еден од најсилните адути за Југоисточна Европа во време на безбедносни, економски и демографски предизвици.
