Француски град воведува полициски час за малолетници за време на Мундијалските натпревари

Градските власти во Тулуз најавија воведување полициски час за лица помлади од 16 години за време на одредени натпревари од Светското првенство, кои се оценети како „високоризични“. Мерката доаѓа по серија инциденти и немири што ја потресоа Франција по неодамнешни големи фудбалски натпревари, вклучително и прославата на титулата на Пари Сен Жермен во Лигата на шампионите.

Според одлуката, малолетниците без придружба на возрасни лица нема да смеат да се движат во централниот дел на градот од 22 часот навечер до 5 часот наутро. Градоначалникот на Тулуз, Жан-Лук Муденк, од десниот центар, објасни дека мерката ќе се применува само за однапред одбрани натпревари кои се оценети како безбедносно ризични во координација со префектурата.

Меѓу натпреварите што се опфатени со забраната се сите натпревари на француската репрезентација, како и одредени дуели на репрезентации како Мароко против Бразил, Шкотска и Хаити, како и натпреварот меѓу Тунис и Холандија.

Одлуката следува по сериозни инциденти во Франција, каде по финалето на Лигата на шампионите биле уапсени околу 890 лица, а немирите биле придружени и со материјална штета и една смртна жртва во сообраќајна несреќа. Локалните власти наведуваат дека целта на мерката е заштита на граѓаните и малолетниците, како и спречување на нови инциденти.

Слични ограничувања веќе најави и градот Клермон-Феран, а француските власти очекуваат зголемени безбедносни ризици за време на натпреварите на националниот тим на Светското првенство.

Најчитано