Паднато дрво врз автомобил, откорнат покрив, уништена фасада, искршени прозорци – по силното невреме што го погоди Скопје, илјадници граѓани се соочуваат со истото прашање: кој ќе ја плати штетата?
Одговорот, за жал, не е едноставен. Не секој што претрпел материјална штета автоматски има право на обесштетување. Дали ќе добиете надомест за штетите зависи од тоа дали сте биле осигурени, каква полиса сте имале, како настанала штетата и дали навреме сте ја пријавиле.
По првичниот шок, фотографирањето на оштетувањата е само првиот чекор. Следуваат законски процедури, проценка на штетата и, во одредени случаи, долга административна или судска постапка.
Осигурувањето е најсигурниот пат до обесштетување
Доколку станбениот објект, деловниот простор или возилото биле осигурени со полиса што ги покрива ризиците од бура, силен ветер, град или други елементарни непогоди, граѓаните имаат најголеми шанси да добијат надомест.
Осигурителните компании препорачуваат штетата да се пријави веднаш по настанот, да не се отстрануваат последиците пред увидот – освен ако тоа е неопходно заради безбедност – и да се приложат фотографии, опис на настанот и друга побарана документација. Потоа следува проценка од овластен проценител, по што се одлучува за висината на обесштетувањето.
Но, важно е да се знае дека не секоја полиса автоматски ги покрива сите штети. Кај домовите тоа зависи од договореното осигурување на имотот, а кај автомобилите најчесто е потребно каско-осигурување или дополнително покритие за природни непогоди. Самата задолжителна полиса за автоодговорност, по правило, не ги покрива ваквите штети на сопственото возило.
А што ако немате осигурување?
Тогаш ситуацијата станува значително посложена.
Ако автомобил е оштетен од паднато дрво, ако фасада или кров од јавен објект предизвикале штета, граѓаните можат да бараат надомест од институцијата или правното лице што било должно да го одржува имотот. Но, тоа подразбира докажување дека постоела небрежност.
Со други зборови, не е доволно само да се докаже дека дрвото паднало. Треба да се покаже дека надлежниот субјект знаел или морал да знае дека постои опасност и не презел мерки за нејзино отстранување.
Побекогаш ваквите случаи често завршуваат со судски постапки.
Градоначалниците од скопските општини, веднаш откако се смири невремето ги активираа кризните штабови и заедно со екипите на јавните претпријатија се упатија на терен.
Дополнително, секој од градоначалниците на својата општина остави контакт телефон, каде жителите можат да ги пријават настанатите штети.
Затоа многу важно е граѓаните да ги следат известувањата на општините и да бидат во контакт со надлежните тела на локалните самоуправи.
Државата може, но не мора да обесштети
По големи елементарни непогоди, општините или Владата можат да прогласат елементарна непогода и да формираат комисии за процена на штетите.
Тоа, сепак, не значи дека секој оштетен автоматски ќе добие пари.
Граѓаните мора во пропишаниот рок да ја пријават штетата до општинската комисија, која излегува на терен и изготвува проценка. Дури потоа, ако државата или општината обезбедат средства, може да следува делумно обесштетување. Во пракса, овие исплати често покриваат само дел од реалната штета.
Фотографиите се важни, но не се доволни
Правниците и осигурителните компании предупредуваат дека многу граѓани прават една иста грешка – ја расчистуваат штетата веднаш, без претходен увид.
Фотографиите и видеата се важен доказ, но не можат секогаш да го заменат увидот на проценителот.
Затоа се препорачува:
- веднаш да се фотографира и сними целата штета;
- штетата да се пријави без одлагање;
- да не се вршат поправки пред увидот, освен ако постои опасност за луѓето или имотот;
- да се зачуваат сметките за итните интервенции и поправки.
Климатските екстреми стануваат нова реалност
Невремето што го погоди Скопје уште еднаш покажа дека екстремните временски појави веќе не се исклучок.
Силните ветрови, обилните врнежи и градот сè почесто предизвикуваат милионски штети врз домови, возила и јавна инфраструктура.
Во такви услови, осигурувањето на имотот повеќе не е само финансиски производ, туку станува дел од личната безбедност и заштита од климатските ризици.
За оние што немаат полиса, единствената надеж останува евентуална одговорност на институциите или помош од државата. Но и едното и другото речиси секогаш значат подолга и неизвесна постапка.
