Скопје во 2028 година ќе стане една од трите европски престолнини на културата, заедно со француски Бурж и чешки Ческе Будејовице. За Македонија, титулата претставува многу повеќе од календар исполнет со концерти и изложби: таа е можност земјата во текот на цела година да ја претстави својата култура пред европската јавност, да привлече туристи и инвестиции и да изгради културна инфраструктура што ќе остане и по 2028 година.
Иницијативата „Европска престолнина на културата“ започна во 1985 година, по идеја на тогашната грчка министерка за култура Мелина Меркури, а првата титула ја доби Атина. Во изминатите четири децении повеќе од 70 градови биле европски културни престолнини, меѓу кои Фиренца, Амстердам, Берлин, Париз, Глазгов, Мадрид, Лисабон, Копенхаген, Солун, Прага, Брисел, Ливерпул, Истанбул, Марсеј, Рига, Валета, Матера, Пловдив, Риека, Нови Сад, Каунас, Темишвар, Хемниц и Нова Горица.


Валета – град на културата 2018 (прва слика) / Ливерпул – град на културата 2008 (втора слика)
Титулата не е почесно признание што градот само го носи една година. Таа подразбира повеќегодишна подготовка, стотици културни проекти, меѓународни партнерства, вклучување на граѓаните, обновување на јавни и културни простори и создавање нова публика. Европската димензија е задолжителна: програмата мора истовремено да ја претстави локалната културна посебност и да ја поврзе со современите европски теми, вредности и уметнички движења.
Економскиот ефект не е ист во секој град и не постои однапред загарантирана бројка. Сепак, најновата евалуација на Европската комисија покажува дека културните престолнини меѓу 2013 и 2022 година организирале просечно од 1.000 до 1.200 активности во текот на титуларната година. Вкупната публика достигнала 38,5 милиони луѓе, а во дел од градовите бројот на посетители се зголемил за 30 до 40 проценти. Со европска поддршка од неколку милиони евра годишно, програмата поттикнала околу 900 милиони евра културни инвестиции низ Европа.
Еден од најпознатите примери е Ливерпул. Неговата програма во 2008 година привлекла околу 9,7 милиони дополнителни посети, од кои 2,6 милиони биле европски и меѓународни. Истражувањето на Универзитетот во Ливерпул проценило дека тие посети создале дополнителна директна потрошувачка од 753,8 милиони фунти во градот и поширокиот регион. Но Ливерпул располагал со развиена туристичка инфраструктура, силен маркетинг и повеќегодишно професионално управување, поради што неговите бројки не можат автоматски да се пресликаат врз Скопје.
За „Скопје 2028“ официјалните европски документи предвидуваа оперативен буџет поголем од 125 милиони евра, како и околу 43 милиони евра капитални вложувања. Најголемиот дел од парите требаше да дојдат од државата, Град Скопје и скопските општини. Тоа не е приход што титулата сама по себе го носи, туку планирана инвестиција што треба да создаде програма, инфраструктура, туристичка потрошувачка и долгорочен развој.
Доколку програмата биде добро поставена, економскиот ефект ќе се почувствува во хотелите, угостителството, транспортот, занаетчиството, продукцијата, дизајнот, технологијата, издаваштвото и креативните индустрии. Подеднакво важна е и можноста Скопје да се позиционира како целогодишна градска дестинација, а не само како кратка попатна станица за регионалните туристи.
За македонската култура, титулата отвора простор македонскиот јазик, литературата, музиката, филмот, театарот, визуелната уметност, архитектурата и културното наследство да добијат поголема европска видливост. Македонската самобитност во овој процес не се промовира само преку историски симболи, туку преку преводи, копродукции, гостувања, дигитализација, архивирање и директна соработка меѓу домашните автори и европските институции.
Концептот на скопската кандидатура е поставен под мотото „Култура над поделбите“, со фокус врз различните етнички, верски, генерациски и општествени заедници во градот. Европскиот панел го оцени овој пристап како релевантен и за Скопје и за Европа, но побара појасна програма, професионално управување и сигурно финансирање. Во 2026 година беше воспоставено независно тело за реализација и беше спроведен првиот јавен повик за проекти што треба да се реализираат до 2028 година.
Вистинската вредност на „Скопје 2028“ нема да се мери само според бројот на настани во една година, туку според бројот на нови посетители, меѓународни партнерства, преведени македонски дела, обновени културни простори и професионални институции што ќе продолжат да работат и по завршувањето на титулата.

Темишвар – град на културата 2023
