Албинен, во кантонот Вале, се обидува да ги задржи жителите преку финансиски стимулации за домување и семејства. Сепак, не станува збор за пари што може да ги добие секој што ќе одлучи да се пресели во Швајцарија, туку за програма со јасно дефинирани услови, пренесува Н1 Сараево.
Според информациите и правилникот на општината, финансиската поддршка изнесува 25.000 франци за поединец, 50.000 за пар и дополнителни 10.000 франци по дете. Тоа значи дека семејство со две деца може да добие вкупно 70.000 франци, односно 76.000 евра.
Еден од условите е возрасните подносители на барањето да имаат најмногу 45 години. Исто така, потребно е да се вложат најмалку 200.000 франци во купување, изградба или реновирање на соодветна недвижност наменета за постојано живеење. Викендичките не се опфатени со програмата.
Странските државјани во моментот на исплатата мора да имаат дозвола за постојан престој, односно дозвола Ц. Барањето е потребно да се поднесе пред почетокот на градежните работи или соодветното запишување на купувањето на недвижноста.
Парите се исплаќаат по завршната пресметка и одобрувањето на работите, односно запишувањето на купувањето, под услов корисниците да имаат живеалиште во Албинен. Средствата се уплаќаат на хипотекарната сметка на кредиторот.
Важно е и тоа што корисниците мора да останат во општината најмалку десет години од исплатата. Доколку во тој период ја продадат недвижноста или се отселат, должни се да ги вратат добиените пари, вклучувајќи ги и додатоците за деца.

