За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела ви препорачуваме изложба, филм, концерти и книга. Гледајте, читајте, слушајте…
Изложба: „Станица пропаганда“ во МСУ
На 1 март (петок) во 20 часот во Музејот на современа уметност се отвора изложбата „Станица пропаганда“, нова комплексна инсталација и програма во живо на холандскиот уметник Јонас Стал, која ја истражува врската на уметноста и културата со доминантните форми на современата пропаганда, како и алатките и можностите на формите на (контра)пропаганда кои произлегуваат од еманципаторските грасрут и ослободителни движења.
Ова е негово прво самостојно претставување во Северна Македонија, а го организира здружението Факултет за работи што не се учат – ФРУ во соработка со Музејот на современа уметност – Скопје во рамките на меѓународниот проект „Острови на сродство: Колективен прирачник за одржливи и инклузивни уметнички институции“.
„Станица пропаганда“ има за цел да ги направи видливи различните современи пропаганди кои активно го обликуваат нашиот свет денес. Централната инсталација е дизајнирана како обратен паноптикон: наместо да го надгледува посетителот, му обезбедува на гледачот позиција на контранадзор над работата на пропагандистите кои влијаат на нашиот секојдневен живот.
Терминот „станица“ во „Станица пропаганда“ може да се сфати на повеќе начини. Изложбата функционира како место каде што се „стационираат“ различни модели на пропаганда како што се ултранационалистичка пропаганда, пропаганда на алт-десницата, либерална пропаганда, финансиска пропаганда, пропаганда на империјата, климатска пропаганда и геолошка пропаганда. Се заснова на повеќе од една деценија уметничко истражување спроведено од Стал за пропагандата и контрапропагандата.
Јонас Стал за Симулакрумите: „За голем дел од пропагандата важно е да се надоврзе на постоечки ставови и убедувања, со цел наративот да најде плодна почва или барем да ги убеди луѓето дека навистина, токму тоа го мислеле цело време, без разлика дали тоа всушност e вистина или не. Луѓето не реагираат добро кога имаат чувство дека се манипулирани кон одредено мислење или позиција. За пропагандата да ја постигне целта, важно е луѓето да се почувствуваат како да тие самите слободно избрале одредена позиција или како светот да го одразува нивното убедување, наместо обратно.“
Во центарот на инсталацијата е „Школа за пропаганда“, каде различни уметници, академици, новинари, теоретичари, поборници и активисти одржуваат предавања, работилници и обуки од областа на анализа на пропагандата и (контра)пропагандното делување.
Проектен тим: Јонас Стал (уметник); Ивана Васева (кураторка); Филип Јовановски (соработник на Школа за пропаганда, Факултет за работи што не се учат – ФРУ); Надин Гаудер (координатор Студио Јонас Стал); Ивана Самандова, Димитар Милев, Тамара Џерков (продукција Факултет за работи што не се учат – ФРУ, Скопје); Илиана Петрушевска (графички дизајн – постер, Музеј на современата уметност – Скопје); Пол Киперс (архитект); Ремко ван Бладел (графички дизајн); Рубен Хамелинк (камера и видео монтажа); Ивана Самандова (титл); Невенка Николиќ (превод и лектура).
Месец на Франкофонија: Филмови, концерти, поезија, изложба
Со проекција на филмот „Страста на Доден Буфан“ на режисерот Тран Ан Хунг во киното „Милениум“ во петок (1 март) во 20 часот ќе биде отворено годинешното издание на Франкофонија во Скопје.
Културната програма на Франкофонија во Скопје ќе трае до почетокот на април, а на 4 април и во Битола. На 8 март, во просториите на „Лабораториум“ во Скопје концерт ќе одржи швајцарскиот бенд „Хубрис“. Концертот е организиран од Швајцарската амбасада.
Од 15 до 22 март ќе има Недела на франкофонски филм организиран од сите амбасади на франкофонските земји. На 16 март во Кинотеката ќе се одржи финале на натпреварот по изразно читање, а во петок 22 март, во галеријата „Чифте Амам“ ќе биде отворена изложбата „Париски рефлексии 3“.
На 3 април, во среда, во кафе „Концепт 37“ ќе има музичка вечер „Вино и музика“, а следниот ден, 4 април, во НУ Народен театар во Битола ќе има француска вечер на Џез фестивалот во Битола со триото на Никола Гардел.
Филм: „Евтини приказни“ на Квентин Тарантино
„Евтини приказни“ (Pulp Fiction) на режисерот Квентин Тарантино (Quentin Tarantino), со Џон Траволта, Семуел Л. Џексон, Ума Турман, Харви Кајтел, Тим Рот, Росана Аркет, Кристофер Вокен, Брус Вилис (John Travoltа, Samuel L. Jackson, Uma Thurman, Harvey Keitel, Tim Roth, Eric Stoltz, Rosanna Arquette, Christopher Walken, Bruce Willis), годинава слави три децении од премиерата на Канскиот филмски фестивал, каде ја освои Златната Палма за најдобар филм.
„Евтини приказни“ (1994, 154 мин., колор, 35 мм) бргу го стекна култниот статус, и е снимен според сценариото на режисерот и Роџер Ајвери (Quentin Tarantino, Roger Avary).
„Евтини приказни“ е трет филм со потпис на Тарантино како режисер, и слично како останатите остварувања во неговата досегашна кариера, претставува постмодерен микс од жанрови. Тоа што Тарантино го започна во „Reservoir Dogs“ овде се апгрејдува во драматуршска смисла, со сторија која врие од полнокрвни карактери на платени убијци, боксер, гангстер и неговата сопруга, несмасни ограбувачи на ресторан и ред други (не)случајни ликови.
По обичај во филмовите на Тарантино има дијалог барем колку во четири тома од „Војна и мир“ на Толстој, но никако здодевни, и тој манир стана заштитен знак на неговите дела. „Евтини приказни“ како ретко кој друг филм од деведесеттите го ужива и култниот статус заради неговиот саундтрак.
Проекциите на „Евтини приказни“ во Кинотеката на 1 март (петок) од 20 ч., 2 март (сабота) од 20 ч. и 14 март (четврток) од 20 ч. ќе бидат на 35 мм лента.
Концерт на „Фолтин“ и Базар на етичка и одржлива мода „Fair Fashion“ во Јавна соба
На 2 март (сабота), Јавна Соба ќе биде домаќин на повеќе од 20 изложувачи на базарот насловен „Fair Fashion“. Овој базар става акцент на етичката и одржливa мода, каде ќе се нуди рачно дизајнирана, но и „ second hand“ облека, како и рачно изработени накит и модни додатоци.
Базарот нуди пазарење на сосема поинаков начин и запознавање одблизу со малите производители, дизајнери, занаетчии и трговци. Организаторите на „Fair Fashion“ сакаат уште еднаш да ги потсетат граѓаните за последиците на брзата мода и како тие со својот избор можат позитивно да влијаат за помало загадување и помалку експлоатација на трудот (особено кај жените) во светот.
Базарот ќе биде отворен за посетителите од 11 до 16 часот, a влезот за посетителите е бесплатен.
По концертот на Зарина Првасевда во рамките на фестивалот “Светско, а наше” под мотото World Music Saturday, оваа сабота (2 март) во 21 ч. во поткровјето на Јавна соба на ред се „Фолтин“ со нивната непредвидлива и предизвикувачка, надреална, страсна и духовита, динамична и полна со изненадувања музика која спојува многу жанрови.
Фолтин постои од 1996 година и има создадено девет самостојни албуми, музика за преку триесетина театарски претстави, десетина филмови, меѓу кои номинираниот за Оскар “Медена Земја” и интернационално успешниот “Исцелител”. Со концертни настапи и театарски перформанси во живо гостувале во Македонија, Хрватска, Италија, Австрија, Словенија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Бугарија, Франција, Германија, Унгарија, Израел, Русија, Црна Гора, Англија, Либан, Холандија, Белгија, Турција и Чешка.
Освен на македонски, англиски и француски, „Фолтин“ пеат и на т.н. „спонтан eсперанто“, имагинарна смеса или фонетска имитација на светските јазици. Членови на групата која себе си се опишува како псевдо-емигрантско кабаре ја сочинуваат Пеце Николовски – кларинет и усна хармоника, Бранислав Николов – гласни и други жици, Пеце Трајковски – Брада – дирки, гитара, перкусии, Гоце Јованоски – бас и Славчо Јовев – тапани.
Концерти: Фестивал „Сепак се врти“ на „Гола Планина“ во Градски парк
На 3 март (недела) од 12 часот во Градскиот парк во Скопје, во делот кај сцената „Лепеза“, ќе се одржи првото издание на „Сепак се врти“, потполно независен DIY фестивал на колективот „Гола Планина“.
Организаторите велат дека му пркосат на зачмаеното стоење во место со музика и другарство.
„Додека градот се дави во сопствената статика, овој фестивал е тука да докаже дека светот не се врти околу скопската ентропија“, потенцираат од „Гола Планина“.
Присуството е бесплатно, но заинтересираните можат да го поддржат фестивалот со тоа што ќе си купат „карта-стикер“ во „Котур“, „Буква“, „Олд Скул“, „Микропаб“, како и со донации на самиот настан.
Во музичката програма учествуваат АТА, Црно Собрание, Conspiracy, Ендемски Вид, Јоана Ристеска, Кокиче, Кенопсија, КЕМ, Lost in Reverie, Огнен Златанов, Peach Vice и Vagina Corporation.
Книга: „Воините на загубената плима“ од Кетрин Дојл
Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје, во рамките на проектот „Создадено во Европа: Моќта на различноста“, ја објави книгата „Воините на загубената плима“ од Кетрин Дојл, во превод на Владимир Јанковски.
Вториот дел од прекрасната трилогија за тинејџери напишана со многу фантазија е љубовно писмо упатено кон ирскиот фолклор, исполнето со длабоко вкоренета магична историја што се распространува низ целата книга.
Фион Бојл е Чувар на бурата на Аранмор помалку од шест месеци кога илјадници застрашувачки Ловци на души пристигнуваат на островот. Следбениците на лошата волшебничка Мориган се дојдени за да ја воскреснат нивната водачка, а Фион нема моќ да ги запре. Магијата на Чуварот на бурата го има напуштено, а бидејќи сеќавањето на дедо му се намалува, Фион мора да се потпре на своите пријатели Шелби и Сем во повикувањето на војската од сирени.
Но, никој друг не верува дека страшните морски суштества воопшто постојат. А како тој може да докаже дека е во право кога ја нема сопствената магија? Додека Фион ја почнува потрагата по загубената војска, другите островјани се подготвуваат за инвазијата на Ловците на души. Борбата за спас на Аранмор тукушто почна.
Кетрин Дојл израснала покрај Атлантскиот Океан во западна Ирска. Нејзината љубов кон читањето почнала со големите ирски митови и легенди, кои ѝ ја поттикнале амбицијата еден ден и таа да напише книга во која ќе биде искористено нивното богатство. Дипломирала психологија, а магистрирала издаваштво на Националниот универзитет на Ирска. Инспирацијата за серијалот „Островот на Чуварот на бурата“ ја пронаоѓа во домот на нејзините предци на островот Аранмор, каде што пораснале нејзините баба и дедо. Кетрин Дојл живее во Голвеј, но често престојува во Лондон и во САД.
Владимир Јанковски (1977) е прозаист и преведувач, дипломец на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Објавил три романи, две книги со фотоесеи (во соработка во фотографот Иван Блажев) и две книги разговори со Влада Урошевиќ. За романот „Скриени желби, немирни патувања“ ја добил наградата „Роман на годината“, а за „Невидливи љубови“ наградата „Рациново признание“. Работел како уредник во неколку издавачки куќи. Во 2022 година од Македонската асоцијација на издавачи ја добива наградата „Автор на годината“. На македонски јазик превел книги од Маргарет Атвуд, Дубравка Угрешиќ, Горан Трибусон, Чарлс Буковски, Зоран Фериќ, Ден Роудс, Милош Црњански, Филип К. Дик, Кетрин Дојл и други.
Избрал: С. Синадинов