Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Посетата која крена врева: Албанските медиуми со афирмативен пристап, македонските – критични кон Курти

Пишува: СЕФЕР ТАХИРИ

Како известуваа албанските и македонските медиуми за посетата на премиерот на Косово, Албин Курти во Северна Македонија? Зошто оваа посета во некои медиуми беше наречена приватна и неофицијална? Кои беа причините што оваа посета, иако беше реализирана со политички средби, доби повеќе медиумско внимание отколку протоколарна посета? Како беше претставено медиумски името на улицата Адем Демачи? Како веењето на знамето на „Голема Албанија“ предизвика силни реакции во македонските медиуми?

Една посета, милиони реакции! Ова би било најкраткото толкување за посетата на премиерот на Република Косово, Албин Курти во скопски Чаир и Тетово. Оваа посета имаше силен одек во многу медиуми на албански јазик, кои континуирано ја најавуваа посетата, коментирајќи ја како многу важна.

Поголемиот дел од албанските медиуми известуваа афирмативно за посетата на Курти

Сепак, дел од медиумите (Медиал, Тетова сот, Ина, Тетова1, Инфошќип, Шења) како што потврди порталот за агрегирање вести на албански јазик Факс.ал, дезинформираа за денот на посетата, со наслов: Албин Курти во Сабота доаѓа во Скопје, додека всушност посетата беше во петокот на 11 август.

Еден ден пред посетата на Курти, телевизија Алсат објави со наслов „Тетово подготвено да го пречека премиерот на Косово Албин Курти“. Како што може да се види од објавите, континуирано се известува за агендата на посетата на Курти, а бројот на вести е исклучително голем.

Македонските медиуми со многу негативни реакции

Но, покрај информативните и поафирмативните објави за оваа посета кои доминираа во медиумскиот спектар на албански јазик, во македонските медиуми преовладува негативен дискурс за оваа посета, под влијание на политиката, и дел од новинарите, аналитичарите, претставниците на граѓански сектор итн.

Голем број медиуми, без разлика дали се критични или неутрални кон власта, објавија голем број наслови во кои фокусот на посетата беше ставен на веењето на знамето на „Голема Албанија“ на собирот на граѓаните во Тетово, на кој се обрати Премиерот Курти

Порталот Плусинфо за оваа постапка на дел од граѓаните објави наслов: “ЗНАМЕ СО „ГОЛЕМА АЛБАНИЈА“ СЕ ВЕЕШЕ ВЧЕРА ВО ТЕТОВО Ќе добијат ли и овие лица ист „третман“ како адвокатот Менкиноски кој го развеа Сонцето од Кутлеш?”

Порталот што го води новинарот Бранко Героски имплицитно бара одговорност од првиот човек на општина Тетово, Билал Касами.

“ДУРИ И ДА НЕ ГО ЗАБЕЛЕЖАЛ ТАКВИОТ ПРОПУСТ ЗА ВРЕМЕ НА НАСТАНОТ, СЕПАК, ТЕТОВСКИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК БИЛАЛ КАСАМИ ДЕНЕСКА ОБЈАВИ ФОТОГРАФИИ НА СОЦИЈАЛНАТА МРЕЖА ФЕЈСБУК, А НА КОИ СЕ ГЛЕДА И РАЗВЕАНОТО СПОРНО ЗНАМЕ КОЕ ПРИКАЖУВА ДЕКА ДЕЛ ОД ТЕРИТОРИИТЕ НА МАКЕДОНИЈА, ЦРНА ГОРА, СРБИЈА И НА ГРЦИЈА СЕ ДЕЛ ОД Т.Н. „ГОЛЕМА АЛБАНИЈА“.”

Слични прашања постави и порталот Expres.mk, кој е критички настроен кон власта: „Зошто Спасовски не ги гони промоторите на Голема Албанија како што го гони Менкиноски за сонцето од Кутлеш (ФОТО)“.

Во овој напис се вели: „Дали Спасовски не поднесува пријава против тие што го носеле знамето на Голема Албанија на нечие барање или самиот одлучил да не го почитува законот е прашање за кое одговор треба да даде МВР.”

Додека телевизијата Телма извести со информативен наратив чиј наслов беше: “Знаме на Голема Албанија се вееше на пречекот на Курти во Тетово, МВР ќе го расчистува случајот” , во некои медиуми блиски со ВМРО-ДПМНЕ или кои се критички настроени кон власта, упорно се бараше одговорност за веењето на знамето на „Голема Албанија“.

Телевизија Алфа објави со наслов: “Карта на Голема Албанија, албански знамиња, албански песни – Чаир и Тетово како да не се во Македонија

Оваа телевизија известуваше на следниов начин:

“ДВОГЛАВ ОРЕЛ, АЛБАНСКО ЗНАМЕ, АЛБАНСКА ХИМНА И ПЕСНИ, ГОВОР САМО НА АЛБАНСКИ ЈАЗИК, ТЕТОВО И ЧАИР ЗА ПРЕЧЕКОТ НА КОСОВСКИОТ ПРЕМИЕР АЛБИН КУРТИ, ИЗГЛЕДАА КАКО ДА НЕ СЕ ДЕЛ ОД МАКЕДОНИЈА, ТУКУ КАКО ДА СЕ ОДРЖУВА МАНИФЕСТАЦИЈА ВО АЛБАНИЈА ИЛИ КОСОВО.

ВО ТЕТОВО ОСВЕН ШТО СЕ ВЕЕШЕ ЗНАМЕТО НА ГОЛЕМА АЛБАНИЈА, АМБИЕНТОТ БЕШЕ ДОПОЛНЕТ СО АЛБАНСКИ НАРОДНИ ПЕСНИ. НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК НЕ БЕШЕ КАЖАНА НИТУ ЕДНА БУКВА, ПРЕВОД НЕМАШЕ НИТУ ЗА НОВИНАРСКИТЕ ЕКИПИ КОИ ГО СЛЕДЕА НАСТАНОТ. НЕМАШЕ НИТУ ЕДНО МАКЕДОНСКО ОБЕЛЕЖЈЕ ШТО ПОТСЕТУВА ДЕКА НАСТАНОТ СЕ СЛУЧУВА ВО МАКЕДОНИЈА.”

Телевизија Сител објави наслов: „Знаме со голема Албанија за пречекот на Курти – Ќе има ли одговорност?

“ДОЈДЕН ВО ПРИВАТНА ПОСЕТА, ПРЕЧЕКАН СО ЗНАМИЊА, БИЛБОРДИ, КОНЦЕРТИ, ВАКА ТЕТОВЧАНИ МУ ПРРИРЕДИЈА ДОБРЕДОЈДЕ НА ПРЕМИЕРОТ НА КОСОВО, АЛБИН КУРТИ. ПО НИЗАТА НАСТАНИ НА ЛОКАЛНО НИВО, ЗА КУРТИ БЕШЕ ОРГАНИЗИРАН КОНЦЕРТ НА ПЛОШТАДОТ ВО ТЕТОВО, А ТАМУ МЕЃУ ТОЛПАТА ГРАЃАНИ ВИСОКО РАЗВИОРЕНО ЗНАМЕ СО КАРТА НА ГОЛЕМА АЛБАНИЈА.”, ОБЈАВИ СИТЕЛ.

Оваа телевизија, наместо да се повика на одредени идентификувани извори, спротивставениот наратив за посетата го базираше повикувајќи се на јавното мислење. Во овјавата, Сител нагласува: “Што славеа градоначалниците од албанската опозиција во државата и на чија територија се градоначалници прашува јавноста?”

Порталот Скопје1, познат по уредувачката политика  блиска до ВМРО ДПМНЕ, објави: “СКОПЈЕ Со развиорени албански знамиња и без ниедно македонско, променето името на улицата „Втора македонска бригада“ во Чаир

Овој портал пишуваше дека, На бимот позади говорниците имаше текст, кој исто така беше испишан на албански јазик. Настанот не изгледаше како да го организира општина туку наликуваше на митинг, а на него, присуствуваше и премиерот на Косово Албин Курти. Тој беше главна фаца на свеченоста.”

Значителен простор за српските ставови за посетата

Во дел од македонските медиуми голем простор е отстапен на реакциите од Белград на гостувањето.

Порталот Во Центар oбјави со наслов, “Дали Албин Курти (не)намерно го промовираше проектот за “Голема Албанија“ во Тетово!? Србите бесни по вчерашните сцени од Македонија; “Дрскоста нема граници, ова е премногу!

Но, овој портал, иако се повикува на Србите и нивните реакции, само ја пренесува изјавата на директорот на Канцеларијата за Косово, Петар Петковиќ, кој изјавил дека “препораката на премиерот на Косово, Албин Курти, Скопје да се приближи до Косово, Албанија и Бугарија, а да биде подалеку од Србија, е грубост и повеќекратна глупост“.

Порталот Плусинфо, пак, објави наслов: “ТОА ШТО ГО КАЖА КУРТИ ВО ТЕТОВО Е БЕЗОБРАЗЛУК Србите го возвраќаат ударот”. Овој портал ја пренесе изјавата на поранешниот министер за одбрана на Србија, Драган Шутановац, кој изјавил дека ”Курти одамна би започнал војна во регионот, да имаше воена моќ и поддршка.”

Голем простор во македонските медиуми доби и апелот на организацијата Обединета македонска дијаспора, „Албин Курти да биде прогласен за персона нон грата во Македонија“.

Медиумите го пренесуваат соопштението на оваа организација, во кое се вели:

“ОМД БАРА ОД МАКЕДОНСКАТА ВЛАДА, ДА НАПИШЕ ПРОТЕСТНО ПИСМО КОН КОСОВО, ГО ПРОГЛАСИ АЛБИН КУРТИ ЗА ПЕРСОНА НОН-ГРАТА, РАЗГОВАРА ОТВОРЕНО И ОЗБИЛНО СО АЛБАНСКИОТ БЛОК ЗА ОВОЈ ТОТАЛНО НЕДРЖАВНИЧКИ ЧИН, ВРАЌАЈКИ ГИ СИТЕ ОБЕЛЕЖЈА, ИМИЊА НА УЛИЦИ, КОРЕГИРАЈЌИ ГИ СИТЕ АЛБАНСКИ ЗНАМИЊА ВО СОГЛАСНОСТ СО УСТАВОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, И ПОСТАПУВАЊЕ СОГЛАСНОСТ ЗАКОНИТЕ.”

Во меѓувреме, медиуми кои имаат уредувачка политика што ја фаворизира власта, за што сведочи порталот што агрегира вести на македонски јазик Time.mk, ја пренесоа изјавата на премиерот Ковачевски за порталот Цивилмедиа со наслов: “Од Кабинетот на премиерот Ковачевски стигна осуда за веењето знамиња на голема Албанија во Тетово

Албанските медиуми ги пренесуваат македонските реакции

Со оглед на мноштвото реакции во македонскиот политички и медиумски табор, албанските медиуми се фокусираа и на нивно пренесување.

Телевизијата Алсат објави наслов „Доаѓањето на Албин Курти ја шокира Македонија“, при што не се користи уставното име на државата Северна Македонија. Во ова објава се пренесува изјавата на Курти, кој рече: „Северна Македонија што побликсу до Косово, Албанија и Бугарија и што подалеку од Србија, која не се оградува ниту од Милошевиќ, ниту од Путин, толку поблиску ќе биде членството во Европската Унија и побезбеден ќе биде нашиот балкански регион“. Понатаму, телевизијата го пренесува ставот на ВМРО-ДПМНЕ која објави дека името на улицата „Адем Демачи“ е одлука на Советот на Град Скопје пред две години. Понатаму, во извештајот се пренесува ставот на СДСМ кој обвини дека Мицкоски е тој што ги поддржува организаторите на посетата на Курти, алудирајќи на лидерите на албанската опозиција. Алсат го пренесе и ставот на првиот човек на Куманово, Максим Димитриевски, кој ги повика истражните институции да го истражат прекршувањето на Уставот и законите, со неинтонирање на македонската химна,туку на албанската.

И Порталб го нагласи ставот на Курти дека Северна Македонија треба да се дистанцира од Србија. „Курти во Тетово: Северна Македонија што е можно поблиску до Косово, Албанија и Бугарија, а што подалеку од Србија, поблиску до ЕУ“, беше насловот на написот на Порталб.

Слично како Алсат објави и телевизијата Клан Македонија, дури и со сличен наслов: „Посетата на Курти го тресе македонскиот политички табор“. Во извештајот беа пренесени ставовите на ВМРО ДПМНЕ, СДСМ и на градоначалникот на Куманово.

Од друга страна, порталот „Тетова сот“, близок со ДУИ, во својата објава со наслов „Среде Тетово, Албин Курти им се заблагодарува на функционерите на ДУИ, Реџепи и Рустеми за патот Тетово – Призрен“ потенцираше дел од говорот на премиерот на Косово, Албин Курти, кој рече дека „заменик министерот за инфраструктура Хисен Дурмиши се договорил со неговиот колега, заменик министерот за транспорт Беким Реџепи и со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми за една од шесте опции произлезени од физибилити – студијата со Тунел од 6,4 километри, малку подолг од оној во Калимаш“.

Заклучоци

И покрај тоа што е летна сезона, кога медиумите вообичаено ги оставаат граѓаните помирни, сепак посетата на премиерот на Косово, Албин Курти на Тетово и Скопје беше доволна да предизвика силни реакции во македонските медиуми.

Додека во повеќето албански медиуми имаше позитивно известување за посетата на Курти, во медиумите блиски со ДУИ имаше тенденции за минимизирање на оваа посета, бидејќи премиерот на Косово немаше никаква средба со претставници на оваа партија, туку само со претставници на албанската опозиција.

Во македонските медиуми без престан се објавуваа написи со критички тонови за веењето на знамето на „Голема Албанија“ на собирот организиран од општина Тетово во чест на посетата на Курти. Имаше и многу критички извештаи за именувањето на улицата „Адем Демачи“, нагласувајќи дека тој бил осуден на затвор во Југославија поради неговите ставови за обединување на Косово со Албанија. Наративи со критички, но и етноцентричен тон во медиумите се потврдени и во врска со тоа што настанот во чест на новото име на улицата се одржа само на албански јазик.

Во однос на реакциите во македонскиот политички табор, во албанските медиуми главно се известуваше коректно и избалансирано, бидејќи не беа забележани коментирачки извештаи, што е честа практика на медиумите во земјава кога се занимаваат со прашања со етничка чувствителност.

(Авторот е универзитетски професор од областа на новинарството и јавните комуникации)

Извор: СМК

Зачлени се на нашиот е-билтен