МВР соопшти дека попладнево бил уапсен Раде Трајковски-Штекли по наредба на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал.
Како што објавија дел од медиумите, Штекли бил уапсен попладнево во близина на хотел во воколината на Гевгелија додека се обидувал да избега. Тој се сомничи за трговија со дрога.
Според медиумите, Штекли предводел група од над десетина члена кои се занимавале со продажба на наркотични средства. МВР и Бирото за јавна безбедност се во потрага и апсење на целата негова група.
Штекли стана познат за јавноста откако неколку пати имаше неуспешни обиди за негово убиство.
Во ноември минатата година беше фрлена експлозивна направа во двор на куќа во населба Керамидница во Скопје, а од експлозијата со повреди се здоби Трајковски, кој беше пренесен во ГОБ „Св. Наум Охридски“ за укажување на помош.
Претходно, кон него, исто така, беше пукано во Трговскиот центар „Ист Гејт Мол“ во Скопје.
Во 2011 година тој беше уапсен во Грција како осомничен во Италија за местење на фудбалски натпревари. Трајковски тогаш беше екстрадиран во Италија каде имаше и судење за случајот.