Сѐ е подготвено за најголемата книжевна прослава на љубовта досега, во организација на „Матица македонска“, во чест на 90-годишнината од раѓањето на Петре М. Андреевски, авторот на „Дениција“.
Утре, под мотото „Да кренеме македонско љубовно востание“, според дел од стиховите на Светлана Христова-Јоциќ поместени во изданието ќе биде промовирана книгата „Македонска љубовна лирика“ приредена од Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски.
Настанот ќе има несекојдневен формат, а ќе се одржи со почеток во 19 часот, во Паркот на книгите на „Матица ексклузив“. Меѓу другото, стихови од македонски поетеси и поети ќе интерпретира актерот Роберт Вељановски, а предвидена е и музичка програма на Драган Мијалковски. На промоцијата ќе има и дружење со поетеси и поети од сите генерации и заедно ќе ѝ се наздрави на љубовта со по чашка македонско вино.
„Македонска љубовна лирика“ е најобемниот тематски избор од современата македонска поезија објавен досега. Во книгата, на близу 500 страници се поместени близу 350 најубави љубовни песни од македонски современи поетеси и поети од сите генерации. Во изборот, покрај поезијата од канонските македонски автори, опфатени се и песни од автори на коишто досега не им било посветено доволно заслужено внимание, како и песни од најмладите, а веќе етаблирани автори.