Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски во четврток, 8 октомври, би можел да се сретне со бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова во Софија, откако бугарската страна одговори на барањето од Скопје за билатерална средба.
Бугарското Министерство за надворешни работи соопшти дека во рамките на меѓународната министерска конференција посветена на Коридорот 8, на која ќе учествува и Муцунски, „ќе има можност за одржување билатерална средба“ меѓу двајцата министри.
Формулацијата од Софија засега не значи дека средбата е официјално потврдена и закажана. Македонската страна на 2 октомври испрати дипломатска нота со барање Муцунски да се сретне со својата бугарска колешка за време на престојот во Софија.
Премиерот Христијан Мицкоски претходно денеска изјави дека барањето е испратено, но дека до тој момент од бугарската страна немало одговор.
Иницијативата за средба следува по посетата на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на Скопје. Според Мицкоски, таа предложила претстојниот престој на Муцунски во Софија да биде искористен за директен разговор со бугарската страна.
Евентуалната средба доаѓа во период во кој односите меѓу Скопје и Софија повторно се во фокусот поради застојот во македонскиот евроинтегративен процес и условот за уставни измени.
Муцунски и Петрова-Чамова последен пат разговараа во мај, на маргините на состанок на министрите за надворешни работи на НАТО. Во разговорите беше отворено прашањето за Коридорот 8, но и за европската интеграција на Македонија.

