Како што појасни Дачиќ, сопствениците на гаражата каде што е пронајдено оружјето ја изнајмиле гаражата на некои луѓе, а бидејќи не можеле да стапат во контакт со закупецот, отишле да видат што се случува и го нашле оружјето, по што се јавиле на полицијата.
Вицепремиерот на Србија и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ зборувајќи за арсеналот на оружје пронајден вчера во гаража во Нов Белград, изјави дека тоа е „очигледно“ подготвувано за извршување на тешки кривични дела и дека е осомничена криминална група која тоа логистички го подготвувала и која дејствува и во странство, јави дописникот на МИА од Белград.
-Полицијата интензивно трага по закупецот. Иако имаме информации, тие не се целосно сигурни. Закупецот покажал лична карта од Хрватска, но се сомневаме дека тоа има поврзаност со некои други криминални групи. Сега се споредуваат отпечатоците од прстите на оружјето, ДНК траги и очекувам во текот на денот да имаме повеќе информации за тоа, изјави Дачиќ за телевизијата К1.
Тој кажа дека ваквото оружје се користи за ликвидација и убиства и додаде дека полицијата добила информации дека четирите пушки се од воени извори, на поранешна ЈНА, кои и биле предадени на армијата уште во 80-тите години.
-Со сигурност е познато дека две воени пушки се во Словенија, а една на Косово, додека четвртата е или од Босна или од Хрватска. Има околу 60 ДНК траги и отпечатоци кои во моментов се анализираат. Овде се поставува прашањето дали планирале ликвидација на некои други, истакна министерот Дачиќ.
Вчера МВР на Србија соопшти дека полицијата „во гаража во Нов Белград пронајде поголемо количество оружје и минско-експлозивни направи“.