– Културата е мост на пријателство меѓу двете држави, а во таа насока треба да продолжи соработката и во следниот период, оцениле министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и нејзиниот бугарски колега Крастју Крастев на денешната средба на маргините на 42. Генерална конференција на УНЕСКО, која се одржува во Париз.
На средбата, како што соопшти Министерството за култура, станало збор за традиционално добрата и континуирана соработка меѓу двете држави, која се одликува со размена на голем број проекти и активности.
Двајцата министри истакнале дека билатералните средби на министерско ниво говорат за квалитетот на соработката меѓу институциите и реализација на големи настани од регионално значење, како што беше изложбата за јубилејот на локалитетот Требениште, која наиде на одличен интерес кај бугарската јавност, како и претстојната „Сребрена Тракија“, која следната недела ќе биде отворена во Археолошкиот музеј во Скопје.
На средбата била нагласена и соработката на институциите од двете држави, како и размената на проекти на Националната опера и балет и Велешкиот театар со сродните институции во Бугарија.
-Стана збор и за добрата комуникација што ја имаат Културно-информативните центри во Софија и во Скопје, како и за идеите за поинтензивна промоција на македонската и на бугарската култура, имајќи предвид дека годинава се прославуваат 20 години од постоењето на македонскиот КИЦ во Софија, се наведува во соопштението.
Костадиновска-Стојчевска и Крастев разговарале и за активностите поврзани со процесите на УНЕСКО и за идните можности за соработка во рамките на иницијативите на Организацијата. Била разгледани и можностите за техничка поддршка во процесите од областа на културата за имплементирање на проектите на евроинтеграцискиот пат на нашата држава.