Првиот заменик претседател на техничката Влада за европски прашања Бојан Маричиќ денеска учествува на состанокот на вицепремиери и министри за европски прашања на Западен Балкан во Тирана каде во тек е лидерскиот самит за проширување на ЕУ, соопштија од Секретаријатот за европски прашања.
Состанокот се одвива во повеќе сесии, кои ќе бидат посветени на различни теми поврзани со Планот за раст на Западен Балкан. Средбата, се наведува во соопштението, ја отворила Мајлинда Дука, државна министерка и главен преговарач со ЕУ.
Првата сесија „Патоказ за новиот план за раст за Западен Балкан“, била предводена од Герт Јан Копман, генерален директор на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на ЕУ, а на сесијата „Напред кон раст и приклучување во ЕУ“ ќе се обрати вицепремиерот Маричиќ. Последната сесија за информирање и реализација на Планот за раст ќе биде предводена од Валентина Суперти, директорка задолжена за Западен Балкан, во Генералниот Директорат за соседство и преговори за проширување.
– На состанокот стратешки се планираат следните чекори за спроведување, планирање и остварување на Планот за раст за Западен Балкан. Главна цел на состанокот е да се определат стратегиите на Европската Комисија и земјите кандидати за членство во ЕУ, да се усогласат мерките со цел успешна реализација на Планот за раст за забрзано интегрирање, да се определат предностите и приоритетите и следните акции за успешна реализација на полноправното членство во ЕУ на Северна Македонија и другите земји кандидати од регионот, се вели во соопштението од СЕП.