Украинските напади со беспилотни летала предизвикаа пожар и принудија делумна евакуација на жителите на руската област Твер, а официјални лица денеска соопштија дека Киев цела ноќ таргетирал неколку западни региони на Русија.
Остатоците од уништеното украинско беспилотно летало предизвикаа пожар во градот Торопетс во западниот дел на областа Твер, изјави Игор Руденија, гувернерот на регионот северозападно од Москва, на апликацијата за пораки Телеграм, пренесува Јутарњи лист.
Пожарникарите се обидуваа да го локализираат пожарот, рече Руденија, но не кажал што гори. Руските единици за воздушна одбрана сè уште се обидуваат да одбијат „масовен напад со беспилотни летала“ над градот, додаде тој.
Според извештајот на државната новинска агенција РИА од 2018 година, Русија градела арсенал за складирање на проектили, муниција и експлозиви во Торопетс, град со нешто повеќе од 11.000 жители.
Седум украински беспилотни летала се уништени и над западниот регион Смоленск, изјави во Телеграм гувернерот на регионот што граничи со Белорусија, Василиј Анохин.
Уште 14 беспилотни летала беа соборени над Брјанската област, која граничи со Украина, а неколку беа уништени над областите Ориол и Тула, објавија гувернерите на тие региони.
Ројтерс не можеше независно да ги потврди извештаите.
Киев претходно соопшти дека неговите напади врз Русија се насочени кон воената, енергетската и транспортната инфраструктура што е од клучно значење за воените напори на Москва.
Руските власти ретко ја откриваат целосната штета предизвикана од украинските напади.