Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ова се мерките што треба да ги активираат надлежните кога е надминат прагот на аерозагадување

Скопје и вчера вечер беше меѓу градовите со највисоко ниво на загаденост, покажуваат податоците од платформата на Министерството за животна средина air.moepp.gov.mk.

Според најновите измерени вредности, концентрацијата на ПМ10 честички во воздухот во центарот на Скопје изнесуваа 276 µg/m3, што е највисока вредност меѓу сите мерни станици во земјава.

Овие вредности ги надминуваат дозволените граници, особено во центарот на Скопје, каде што концентрациите се екстремно високи.

Надлежните институции, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје, Градот Скопје и општините се должни да ги активираат мерките и препораките за заштита на граѓаните, доколку 2 последователни дена со среднодневни концентрации над 150 mg/m3.

Овие мерки донесени во 2017 година предвидуваат:

Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со Министерството за здравство се должни да:

• Препорачаат на сите правни субјекти (работодавци) да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар.

• Препорачаат на сите правни субјекти (работодавци) да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11.00 до 17.00 часот.

• Препорачаат да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено.

• Обезбедат услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба.

Владата на Република Македонија:

• Да ги задолжи сите органи на државна управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатијата и АД во државна сопственост, како и на Единиците на локална самоуправа да ја намалат (до 50%) употребата на службените возила.

• Да обезбеди ограничување на работите на градежните објекти

Министерство за труд и социјална политика во соработка со Црвениот крст, Здравствениот дом и Единиците за локална самоуправа:

• Да обезбедат прифатилишта за сместување на бездомници.

• Да дадат поддршка на стари осамени лица преку организирани посети.

Министерството за здравство:

• да ја задолжи Службата за итна медицинска помош да доставува Информација до ИЈЗ за број на повици (според дијагноза/код на МКБ10, пол, возраст, место на живеење/општина), за времетраењето на епизодата на алармантно загадување на воздухот на дневна основа се до завршување на епизодата и една недела по завршувањето.

Од Институтот за јавно здравје на се утврдени следните препораки:

Ограничени движења и активности на отворен простор на најранливата популација (деца, стари лица, болни од хоронични болести на белодробниот и срцевиот садовен систем, со посебен ризик за болните од бeлодробна астма), но и за лицата кои својот професионален ангажман го обавуваат на отворен простор во загадените зони на градот.

Државниот инспекторат за животна средина:

• Да започне со вршење на зачестена контрола на Инсталациите кои што поседуваат А – ИСКЗ дозвола, да спроведе контролни мерења на емисиите на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух со акредитирана лабораторија со цел да се утврди дали се применуваат пропишаните услови/мерки во Дозволата по однос на емисиите во воздух.

Министерството за животна средина и просторно планирање ќе подготви и достави:

• Препорака до Инсталациите коишто поседуваат А – ИСКЗ дозвола, за намалување на капацитетот на производство (до 50 %) со што од оваа мерка ќе бидат исклучени инсталациите кои што произведуваат топлинска или електрична енергија.

ЕЛС се должни да ги спроведат мерките пропишани во краткорочните планови или краткорочните мерки донесени на Советите на општините.

Зачлени се на нашиот е-билтен