Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Пендаровски: Резултатите се јасни, мојот концепт за мултиетничка Македонија целосно интегрирана во евроатлантските структури, за жал не доби поддршка

Резултатите се јасни и немам намера подетално да ги образложувам, сакам да им честитам на победниците и да им посакам успешна работа во следните четири, односно пет години, изјави вечерва на прес-конференција кандидатот за претседател поддржан од СДСМ и коалицијата кој се тркаше за втор мандат, Стево Пендаровски.

-Мојот коцепт за мултиетничка Македонија целосно интегрирана во евро-атлантските структури за жал не доби поддршка и сум длабоко уверен дека само таква Македонија може да биде успешна, рече Пендаровски.

Длабоко сум уверен, продолжи Пендаровски, дека само таква Македонија може да биде успешна, и мојата совест е чиста, но не верувам дека им е чиста на оние кои спречија илјадници граѓани да го земат и второто ливче и да гласаат за преседателските избори, осврнувајќи се на бојкотот на претседателските избори.

Пендаровски се заблагодари за сите учесници што овозможија овој изборен ден да се одвива во демократска атмосфера, а за некои нарушувања, истакна тој, оставаат надлежните институции тоа да го решат. 

Прашан дали за поразот се виновни СДСМ, тој кажа дека долги месеци пред да ја најави втората кандидатура, кажал дека е битно да се има партиска поддршка, бидејќи живееме во држава која е силно партизирана.

-За жал, партократските елити ден денеска се посилни од таа граѓанска компонента да ја наречам, не само во изборниот процес туку во нашиот политички живот воопшто и ми беше битно да видам во каква кондиција ќе биде коалицијата од 15 политички партии предводена од СДСМ, значи уште пред Нова година на последните сондажи знаев дека не се во онаа кондиција во која биле пред пет или 10 години. Меѓутоа, анализите кои покажуваа дека мојот личен рејтинг е над рејтингот на таа политичка партија и над рејтингот на таа коалиција си дадов за право да имам надеж да се надевам дека можам да бидам рамноправен натпреварувач во оваа трка, рече Пендаровски.

Тој се осврна и на она што денеска се случи, односно бојкотот на претседателските избори.

-Стотици илјади наши граѓани беа оневозможени на системски, плански, на организиран начин да земат второ ливче. Јас сум убеден како што реков и по првиот изборен круг дека оние 330 илјади гласови кои отпаднаа од првиот круг дека се далеку поблиску до мојот политички концепт за ваква Македонија за која се залагам не само во изборна кампања, туку целиот мој живот практично, дека се поблиску до мене отколку до концептот кој го заговараше противкандидатката. Меѓутоа, повторно од за мене непознати причини верувам од теснопартиски интереси направија таква калкулација и на организиран начин ги попречија луѓето да гласаат и за претседател. Со тие претпоставени стотици многу над стотици илјади гласови трката ќе беше далеку, далеку понеизвесна, оцени тој.

Според него, не ги добил гласовите по онаа анализа првична што ја направиле и од албанската опозиција, бидејќи, вели Пендаровски, тие имаа сличен пристап кон своите гласачи, неколкумина видни функционери гласаа и земаа две ливчиња.

-Меѓутоа според она инфо што јас го имам најголемиот дел и од нивните гласачи веројатно калкулирајќи утре да се најдат во следната влада преводена од ВМРО-ДПМНЕ постапија многу слично на гласачите на ДУИ, истакна тој.

На новинарско прашање, цитирајќи негова поранешна изјава дека би се иселил од Македонија, вели дека тоа е манипулативна лага користена од главната опозициска партија.

-Јас ја разбирам вашата иронија која е поттикната од една манипулативна лага која главната опозициска партија досега ја употребуваше безброј пати иако поширокиот контекст ним им е многу добро познат зошто и како е тоа изјавено пред пет години. Една од моите главни заложби кои ги повторувам по десет пати дневно со кој било да се среќавам како претседател досега е дека мораме да направиме пристојно место за живеење, а особено за младите генерации, за вашата генерација кои сте прилично помлади од мене. Наместо да ги лажеме луѓето дека имаме алтернативни планови за кои никој не знае во кои фази ќе оди, кој меѓународен фактор ќе ви даде поддршка и колку години односно децении ќе трае, истакна Пендаровски.

Мојата изјава, додаде, значеше и значи дека на нашиве граѓани морате целосно транспарентно да им кажете која е иднината наместо да ги гледате во очи и да ги лажете дека вие имате подобар план или да не се враќам на главната теза на опозиционата партија досега дека само како Бугари можеме да влеземе во ЕУ што е една од најголемите политички лаги која е измислена од независноста до денес.

-Накратко се враќам на факултет како што бев и порано, рече Пендаровски.

На прашањето дали регионалната политика влијаела на ваков резултат и како тој ги коментира резултатите од претседателските избори, кажа дека може да коментира од негов аспект и политички агол на гледање.

-Ова се должи на тоа што оваа политичка гарнитура донесе неколку историски одлуки за Македонија со одлуката да влеземе во НАТО што е апсолутно нешто рамно на своето стратешко значење на референдумот за независност и отворање после 17 години на преговорите со ЕУ  кои беа долги, мачни и бараа компромиси и во двата случаи. Тоа внатрешната политичка опозиција во ликот на ВМРО-ДПМНЕ го искористи и започна со невидена националистичка реторика која ја почна од пред три години и ја тера до ден денеска. Нивната  политичка програма тоа е политички приоритет број еден да се нападне оваа политичка гарнитура дека ги издала македонските национални интереси, оцени Пендаровски.

Истакна дека во тие два договори нема да најдете ниедна точка, ниедна запирка која пишува дека ние не сме Македонци и кои не говорат македонски јазик.

-Станува збор за флагрантна лага и манипулација која е повторувана илјада пати и по системот на Гебелс станува вистина барем за еден дел од луѓето. Има многу причини, но за остатокот на причините кои се однесуваат на лидерството, на раководењето таа коалиција и особено најголемата политичка партија во таа коалиција мислам дека не би било јас да зборувам, не сум меродавен, не сум член на ниедна политичка партија и тие би требало да кажат зошто политичката кондиција ја изгубија освен овие работи што ги набројав ги изгубија и поради евентуално лоши кадровски и други некои политики кои ги спроведуваа во изминативе пет, шест, седум години. Тие имаа лидерска смена во меѓувреме, меѓутоа добро е и поранешното и сегашното раководство нивно да каже кои се причини за нивниот ако не се лажам најслаб партиски резултат во историјата на плурална Македонија, истакна Пендаровски.

Треба да знаете
Moже да ве интересира