Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) утре ќе биде домаќин на Инвестицискиот самит за Западен Балкан 2024 година во нејзиното седиште во Лондон.
Настанот ќе ги собере шесте премиери од Западен Балкан, како и меѓународни инвеститори, со цел да се истакнат потенцијалните можности за инвестирање и бизнис во регионот и да се промовираат регионални прекугранични проекти.
Традиционалниот белег на самитот е Интерактивната сесија на шефовите на владите од регионот, кои заедно претседателката на ЕБОР, Одил Рено-Басо, пред публиката и ќе ја споделат нивната севкупна визија за регионот и ќе одговараат на прашања на претставниците на меѓународните инвеститори.
Оваа година како клучен приоритет на Банката во регионот е зелената енергија во Западен Балкан и на оваа тема ќе биде посветена посебна сесија која ќе ги собере инвеститорите и клучните креатори на политики на министерско ниво на дискусија за максимизирање на мобилизацијата на приватниот капитал за да се забрза декарбонизација на регионот.
Ова е шести самит на ЕБОР од ваков вид. Воведниот самит за Западен Балкан се одржа во ЕБОР пред десет години, во февруари 2014 година.
Западен Балкан е приоритетен регион за ЕБОР кој ги вклучува Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија. ЕБОР е еден од најголемите институционални инвеститори во регионот со инвестирани повеќе од 18 милијарди евра во земјите од Западен Балкан.
Северна Македонија на самитот на ЕБОР ќе ја претставуваат претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи и министерот за финансии, Фатмир Бесими.
За време на Самитот, премиерот Џафери ќе присуствува на централниот и придружен настан, а ќе оствари и билатерална средба со претседателката на Европската банка за обнова и развој, Одил Рено-Басо.
Настан ќе се одржи во понеделник на 26 февруари во 09:00 часот по Гринич и ќе се пренесува во живо на веб-страницата на ЕБОР, LinkedIn и на YouTube.