Европската перспектива на нашата земја е јасна и извесна. Планот за раст на Западен Балкан е препознаен од страна на фунционерите, политичарите и аналитичарите, кај нас, во регионот, и во Европа, како брза лента на патот за евроинтеграција на земјите од регионот. Овој план е значаен политички и финансиски влог на Европската унија во регионот. Една многу важна порака од ЕУ за Северна Македонија е дека ние сме стартната точка од каде започнуваат активностите за реализација на планот.
Во овој контекст денеска во Брисел се одржува таканаречениот „тријалог“ во кој еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји, како претставник на Европската комисија, заедно со преговарачите на Советот на ЕУ и на Европскиот парламент, ја утврдуваат предлог-регулативата за Механизмот за реформи и раст на Западниот Балкан.
Станува збор за законски текст што го регулира функционирањето на инструментот за финансиска поддршка на Планот на Европската комисија за раст на Западниот Балкан, чија цел е поттикнување на демократскиот, економскиот и социјалниот напредок на земјите од регионот аспиранти за членство во ЕУ, промоција на поголема регионална соработка и стабилност и постепеното приближување на овие држави кон структурите на Унијата.
Како што е познато, со Планот за раст за Западен Балкан треба да започне нов циклус за забрзана социо-економска конверегенција на земјите од регионот кон Европската унија. Првите финансиски средства за поддршка за реализација на планот се очекуваат во април.
Што нуди Планот за раст на Западен Балкан?
На 8 ноември Европската комисија го усвои новиот План за раст на Западен Балкан, со кој на земјите од регионот ќе им биде дадена можност да користат дел од придобивките на ЕУ, уште пред да станат членки, со цел да се поттикне економскиот раст и да се забрза социо-економската конвергенција. Исто така, предвидена е и Регулативата за воспоставување на Финансискиот инструмент за реформи и раст на Западен Балкан, преку кој ќе се ефектуира финансиската поддршка во износ од 6 милијарди евра, која е дел од овој план. Целта е да се поддржат земјите кои се кадидати за членство или аспиранти за кандидатски статус да ги забрзаат реформите и да се зголеми нивниот економски потенцијал за да напредуваат побрзо во евроинтегративниот процес.
Планот се состои од четири столба: 1) Зголемување на економската интеграција со единствениот пазар на Европската унија; 2) Поттикнување на регионалната економска интеграција на Западен Балкан; 3) Забрзување на структурните реформи и поддршка на евроинтегратиовниот процес на Западен Балкан, подобрување на одржливоста на економскиот раст, привлекување на странски инвестиции и зајакнување на регионалната стабилност и 4) Зголемување на финансиската поддршка за реформи и раст на земјите во регионот преку Фондот за реформи и раст.
Отворање на Единствениот европски пазар за Земјите од Западен Балкан
Интеграцијата во Единствениот европски пазар би значела придобивка за сите граѓани од регионот. Всушност, ова е најсуштинскиот дел од Планот за раст на Западен Балкан. Во Планот се идентификувани седум првични приоритетни области, кои може да се отворат за земјите од Западен Балкан: 1) слободно движење на стоки, 2) слободно движење на услуги и работници, 3) пристап до Единствената европска платежна област, 4) интегрирање на патниот транспорт, 5) интегрирање на енергетските пазари, 6) дигитален единствен пазар и 7) интеграција во индустриските синџири на снабдување.
Како најважната придобивка од Планот за раст на Западен Балкан, Единствениот европски пазар, подразбира и слободно движење на стоки, услуги, работници и капитал, како и одредени подсегменти на пазарот.
Заедничкиот регионален пазар се заснова на правилата и стандардите на ЕУ, оттаму е значаен механизам за напредок во пристапните преговори. Наједноставно речено, ЕУ ќе ни обезбеди можности за интеграција кон Единствениот европски пазар, доколку прво ја завршиме задачата кај регионалната економска интеграција.
Финансиски пакет од 6 милијарди евра
За третиот и четвртиот столб од Планот за раст на Западен Балкан, односно реализацијата на реформите е поврзана со соодветната финансиска поддршка која ќе се отклучи со реформите. ЕУ ќе обезбеди финансиска поддршка од 6 милијарди евра во периодот од следните четири години од кои 2 милијарди евра во форма на неповратни грантови и 4 милијарди во форма на заеми со поволни услови, кои ќе се обезбедат со ребаланс на повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ.
Од овие средства, 3 милијарди евра ќе бидат достапни како директни заеми за националните буџети, додека 3 милијарди евра ќе бидат наменски за поддршка на инвестициони проекти преку Инвестициска рамка за Западен Балкан (WBIF), од кои 2 милијарди евра во вид на грантови и 4 милијарда во вид на заеми. Овие средства ќе бидат насочени кон инвестиции во транспортот, енергетиката, дигитализацијата, едукацијата и развојот на вештини, додека 37% од грантовите ќе бидат насочени кон зелени проекти, односно за исполнување на климатските цели. Исплатите ќе бидат извршувани два пати годишно, согласно исполнувањето на социо-економските реформи од страна на земјите.
Се очекува за Северна Македонија да бидат доделени 860 милиони евра, од кои околу третина треба да бидат неповратна поддршка за инфраструктурни инвестиции.
Ветер во грб за економиите во регионот
Поддршката од ЕУ преку овој План за раст е значаен ветер во грб за економиите на Западен Балкан, економии во развој, кои го минаа транзицискиот период, а потоа и голем број на кризи од глобален карактер и геополитички кризи, кои дополнително го оптоварија процесот на конверегенција.
Сепак, овие економии се покажаа како жилави. Последните кризи, од пандемијата наваму, земјите од Западен Балкан успеаја успешно да ги пребродат и да се задржат на патеката на раст и приближување кон поразвиените економии (иако поспоро од посакуваното).
Планот за раст и новата стратегија за проширување на ЕУ е историска шанса и од аспект на напредување во евроинтеграцискиот процес и од аспект на обезбедување на социо-економски услови согласно ЕУ примерот и во нашата земја.
Од ЕУ и од САД очекуваат од секоја партија, секој функционер, државен службеник, политичар, општествен чинител, граѓанин треба да ја препознае својата улога и одговорност во создавањето на подобро утре во оваа држава. Тоа значи носење на ЕУ дома, односно општество и економија кои ќе функционираат според европски вредности и правила и тоа значи станување дел од ЕУ што е можно побргу. Европа дома – Побрзо!
Р. Р.